Животот не е розев. Растењето не е мирно и безболно. Оставете ги гуруата на растварање што се сѐ уште заглавени во меурот на обичното постоење. Оставете ги, тие мака не виделе. Не се кршени, па лепени, оживеани, па потоа пак од истиот пиштол усмртени.
Ќе ви речат, бидете среќни — отпуштете, ама како да отпуштиш дел од себе? Како да ги дадеш црните атоми што ги прегрнале белите при самото твое создавање? Тоа исто е ко да ти кажат отсечи ја левата рака — таа е рака на ѓаволот, не се дава тоа лесно, па колку и да проповедале. Не се дава дел од себе. И од кога ги поделивме чувствувата на црни и бели, свети и грешни? Од кога стана десното на Бог, а левото на Ѓаволот? Од кога? Кој вели дека белото е свето, гадно се лаже. Многу луѓе во бело и со светли очи ме изиграле, а многу темници, наизглед живи демони, ме утешиле.
Дали сме ѕвездена прашина или дел од некоја си поголема приказна – не можам да кажам, ама засега луѓе сме. Несовршено – совршени ѕверови со космички умови и многу нѐ има такви неутешни што смисла на животот побарале во гуруа и манифестации; и сѐ тоа е супер и сѐ тоа е магично дур не ти речат, „Ама мисли позитивно.” А ти пола темнина, не створена, туку родена.
И како да се даде тој дел од себе? Како да му се каже дека не е вреден за сакање кога само тој дел те прегрнал кога сите останати побегнале? Кога светлото во тебе згаснало, а надежта била презафатена? Како да му се каже бегај од мене на темнината што на крај единствена останала? Не му се кажува. Ко што темнината прегрнала, така и таа се прегрнува и се чека дур од таа катаклизма нешто човечко не распука. И после тоа многу мрачно станува и мракот штом се смири, штом се сталожи – полека се осветлува, не е баш бело, ама не е веќе ни црнила. На крајот од патот некако е полесно со тие два дела сплотени во душата.
Затоа пуштете ги гуруата на растварање што мака не виделе. Животот не е розев. Животот за два дена не се менува. Тоа е процес што трае и трае и трае и никогаш не престанува. Манифестацијата можеби функционира, ама нема да ги реши сите проблеми — за тоа треба прво добро човек да се изгори, да се соочи со сѐ што потиснувал, а му е зад пети, па потоа од пепел повторно да порасне и да се прероди за да може да види што му е битно, а што не му е. Семката треба да распука за од неа на крај да излезе растение.
За да нешто од него да биде, треба да се соочи човек со себе, да признае дека е и мрак и светло и сѐ измеѓу тоа црно и бело. Животот не е розев и не е бајка. Животот е со себе војна и животот е со себе мир. Животот е мелем и болка и сѐ измеѓу тоа, а човекот жива рана што сам од себе треба прво да оздрави.
Прочитајте и за снегот во февруари.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.