Мигранти

Машините работат на пареа која се лачи како млеко

Од градите на мајките кои никогаш не ги видоа своите синови

Ги изгубиле низ шините

Газејќи на туѓите животи , барајќи го својот

Несреќници,

Креваат чело и губат души

Осаменост во пламен

Воз кој ги носи во неповрат.

Перони кои пиштат во ноќи без надеж

Подобро утре! – викаат скретничарите

И ги поместуваат шините кон запад.

Не се гледа дождот во нивните очи.

Четирите страни на светот ги полеваат со цвеќе

Кое овенало во нивните души

Бараат дождот да се слее од очите

Запрел, не ги послушал

Полеваат, но не се прочистуваат

Гревовите на светот ги носат

Но полеваат цвеќе за да

Изникнат некои нови светови.

Некои нови цветови.

Бели, распослани крај шините

Место булки

Кои ја изгубиле својата црвена боја

За да ја покажат нивната невиност.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели