Гоце Делчев – Гане Тодоровски

Во Македонија денеска се одбележуваат 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, визионерот, организатор на македонското револуционерно национално – ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација.

Гоце Делчев – Гане Тодоровски

Во редот од книга јас не сум те сретнал,
јас не сум го видел ни образот твој
да стои на ѕидот; но прв пат те сетив
во сказната чудна на дедото мој.

Ја пазам јас в спомен априлската вечер
со потаен шепот во малиот двор,
со многуте сказни за Гоцета Делчев
што растеа снажно в дедовиот збор.

Минуваше тогаш триесет и осма,
годината, кога во доцниот час
го кренаа тате, кога јас му носев
во затворот ручек, со залипнат глас.

И знам таа вечер, крај тревата мека
ти, дедо, ми кажа еден расказ долг;
почнуваше: чедо и тебе те чека
судбината наша, но те пазел бог.

Осумдесет лета од грбот ти сметна
пред мене се јави ко смел јунак млад;
и видов сал солза во око ти светна
и видов сал здивна низ нестивнат јад.

И слушав јас, слушав за судбата наша
на маките ропски бескрајниот ред,
за нашиот народ што сеедно праша
дал еднаш ќе има слобода и леб.

Јас слушав и прашав: зар овоа сето
е вистина така; зар и домот мој
на другому паѓа, зарем не е светот
создаден за сите, за радост и пој…

Но потаму дедо ти запра и тогаш
сам животот суров, несносните дни
продолжија да ми говорат за Делчев,
јас низ нив го гледав неговиот лик.

Тој – ликот на Гоце, се вееше гордо
на знамето наше во тешкиот час,
низ земја ни кога тевтонските орди
пируваа диво, со дивјашка страст.

За прв пат јас тогаш делчевото име
извезено в срма на бајракот ал
го сретнав; а беше бој крвав… Низ димот
во бајракот поглед управував сал.

Пак истите денои, во планинско село
за Гоцета дочув од селанец стар,
жив познаник негов; со набрано чело;
зборуваше многу со гнев и со жар.

Од расказот негов за личниот орел
сал едно се вгнезди во споменот мој:
сакајте го Гоце, тој за вас се борел
тој за вас го даде и животот свој.

И скапото име, ликот Гоцев светол.
во срцата наши си задлаби траг;
а во дните нови на животот цветнат
со Гоцета ние се сретнавме пак.

В последната битка се сретнавме милно
в грејнатиот в радост прв слободен ден,
во редот наш кога маршираше силно
гоцевиот портрет в цвеќе искитен.

Во редот од книга јас не сум те сретнал,
јас не сум го видел ни образот твој
да стои на ѕидот; но прв пат те сетив
во сказната чудна на дедото мој.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели