Кога зборовите се вишок, прегрни го молкот, прегрни се себе

Некогаш и зборовите можат да станат вишок, непотребни, непосакувани, напорни, заморни. Тогаш најубаво е да го прегрнеш молкот и во тишина да се слушнеш себе. Тишината е молк со најмногу одговори. Некои прашања немаат одговор, не дека не заслужуваат. Само не можеш да си ги одговориш колку и да се обидуваш. Тие заслужуваат молчење со долга прегратка. Ако нема кој да те прегрне, прегрни се сам/а. Прегратката може да биде и убав збор за себе помислен во себе или кажан на глас. Да се прегрнеш себе значи дека се прифаќаш каков што си.

Да се прегрнеш себе значи дека се почитуваш себеси и не дозволуваш друг да не те почитува. Да се прегрнеш себе значи дека се грижиш за своето здравје. Да се прегрнеш себе значи дека не си строг кон себе и своето живеење. Да се прегрнеш себе значи дека си го сакаш животот иако на моменти ти изгледа тежок дури и неподнослив. Да се прегрнеш себе значи дека си простуваш за сите грешни избори. Да се прегрнеш себе значи дека си ги сакаш сите недостатоци што не можеш да ги промениш прифаќајќи ги. Да се прегрнеш себе значи дека најважниот човек во твојот живот си само ти.

Да се прегрнеш себе значи дека си искрен кон себеси колку и да боли таа искреност. Само така можеш да бидеш подобра верзија, прифаќајќи го она што боли во насока на подобрување. Да се прегрнеш себе значи дека не прифаќаш помалку од што заслужуваш. Да се прегрнеш себе значи дека си свесен за сегашниот миг и живееш во него. Мислиш на сега и овде, даваш сè од себе за да бидеш присутен тука. Не живееш во минатото, ниту си анксиозен за иднината. Го вложуваш максимумот во денешниот ден, оти најпосле сегашниот миг е сè што имаме.

Да се прегрнеш себе значи дека си создаваш здрави навики и ги негуваш секојдневно. Не дека постојано имаш инспирација или си мотивиран, туку дека си доследен и конзистентен. Да се прегрнеш себе значи дека уживаш во своето присуство и кога си сам/а и нема никој покрај тебе. Да се прегрнеш себе значи дека никогаш не ти е здодевно, секогаш постои нешто што може да се прави. Да се прегрнеш себе значи дека не се откажуваш кога е најтешко туку кога ќе бидеш готов/а.

Да се прегрнеш себе значи дека си го следиш својот сон. И работиш напорно за да ги оствариш своите цели. Прегрнувајќи се себе учиш да се сакаш како што заслужуваш и така ќе можеш и другите да ги прегрнеш многу полесно. Прегрнувајќи се себе знаеш дека сите луѓе сте еднакви пред животот иако тој пак не е секогаш подеднакво праведен со сите. Прегрнувајќи се себе полесно ги прифаќаш различностите и тие не ти сметаат. Прегрнувајќи се себе се учиш на љубов, почит и сила.

Некогаш е тешко да се прегрнеш себе, но не заборавај колку е важно да го направиш тоа. Во моментите кога мислиш дека најмалку заслужуваш прегратка – прегрни се! Прегрни се прегрнувајќи го овој момент, слушни што ти велат срцето и разумот. Одговорот го имаш во себе, со прегратка ќе го дознаеш побрзо и полесно.

Н.Н

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели