Сонетен венец – Вера, надеж, љубов – Александар Михајловиќ

I

Врвејќи горе месечина потемнува
просторот е мала утрина
нашата стара надеж зататнува
среќата тлее во невиделина.

Новите места нè чекаат
што ќе најдам таму
запомни каде очи гледаат
да донесам назад ваму.

Патот беше лесен
низ ѕвезди летав
јадев леб пресен.

Помислував сум дете
по облаци шетав
еднаш не наидов на цвете.

II

Еднаш не наидов на цвете
на места стари, необични
утрото магливо осамна ете
сништата беа убави, најлични.

Рани лути зацелував, лечев
обвиткан бев во самотија
по мене мачнина влечев
се одлучив за красотија.

Душата беше чесна
одот мој горчлив
слушав хорска песна.

Река матна, сува
бев збунет, сонлив
радоста моја сама почекува.

III

Радоста моја сама почекува
сите погледи од високо
спуштање мирно, мир поседува
се најдов во полето широко.

Итаат луѓето, брзаат некаде
дома ги чекаат љубените
сфатив дека исто е насекаде
смелост бела добија загубените.

Доста е, да речат
сомнеж што боли
душа тажна лечат.

Поарно беше в лете
восклик да моли
аласот мрежа плете.

IV

Аласот мрежа плете
капки ко бисери нанижани
по мостот долг бездомик срете
чекори по даските разнишани.

Градот центар светски, црковен
светол, моќен, старински
како љубовта наша вековен
раскошен, мистичен, историски.

Секој секого сака
по улички одев
цврсто држиш за рака.

Течеа солзи врели
залутано те водев
никогаш не се осмели.

V

Никогаш не се осмели
сама по градот луташе
во срцето ми се всели
тајната од мене ја чуваше.

Поставки ископани од дамнина
на необични места ги чуваат
сега е зелена рамнина
деца и кучиња лудуваат.

Боли твојот поглед
пречи мојот прекор
надалеку, со двоглед.

Велиш тука си сама
забрзуваш чекор
ама е лирска оваа драма.

VI

Ама е лирска оваа драма
посакај чевли мали, волшебни
преслечена во жолта долама
занесено чедо, зборови дошепни.

Калдрмата вели да чекориме
часови брои, прави воодушеност
на градот да се додвориме
ми треба твојата спонтаност.

Цветот нектар лачи
ти треба сила
денот се мачи.

Знам за твоите цели
ти, мојата мила
денот почна да дели.

VII

Денот почна да дели
видов низ прозорчето затворено
отидов низ нови предели
волшебна сказна на отворено.

Секоја градба е грандиозна
те помнам добро, совршено
чекорејќи, ти си грациозна
времето наше не е завршено.

Дете на улица чита
врели костени јаде
коњот по мостот рита.

Веќе нема дилема
мудрост ми даде
евангелие ново спрема.

VIII

Евангелие ново спрема
денот роден го прослави
алхемичар со нова опрема
пред народот свој го достави.

Гордо, молкум молеше понизно
со орнаменти, нечитлив ракопис
некој гласно се смееше заразно
читајќи од неговиот синопсис.

Небото темно сино
учев од Талес
опиен без вино.

Сонце лисје коси
каков е овој процес
жезло кралот в рака носи.

IX

Жезло кралот в рака носи
длабоко од погледи скриени
богата гозба нѝ сноси
итавме по улиците измиени.

Помислувам мила моја понекогаш
пред великаните се поклонувам
те љубам, сакам засекогаш
на вечност се заколнувам.

Закопав среќа во дупка
дури сонце зајде
на студот цупка.

Те пратев, знај
мене ме најде
љубезен бев до крај.

X

Љубезен бев до крај
пат блескав светец покажува
на тврдината одеше покрај
таа со него се сложува.

Тешко беше пливање низводно
невеста во бело сликаше
тогаш ти пресуди праведно
чеснота победи, гласно викаше.

Замка тука лежи
камбана часот бие
ветрот дува, ежи.

Завист секаде виси
љубена мирно спие
убост од вкусови роси.

XI

Убост од вкусови роси
признавам малку бев занесен
купив букет со рози
од радоста голема понесен.

Нејќам бајката да заврши
друг некој да оставам
приказна наша да доврши
нови патишта да поставам.

Велиш сакам дома
газам на мина
гледаме друга мома.

Уста горчлива, сува
разнесен ко глина
брза кочија, зора чува.

XII

Брза кочија, зора чува
помнете ги тие моменти
испосник стар, ветер дува
звук од расипани инструменти.

Запиши го ова патување
биди во расположба секаква
ода на едно сонување
работа проста и еднаква.

Впиј нова мудрост
од чевлар стар
признание за смелост.

Испи голтка чај
биди свој дар
оглав стар стај.

XIII

Оглав стар стај
појди во столетна пивница
луѓето не вредат, познај
спомен твој од ливница.

Пред споменот се поклонувам
искрениот поглед твој стоплува
цвеќе на сите подарувам
од чекање полека исчезнува.

Мојот си копнеж
нашата љубов зрее
оддалеку слушам татнеж.

Вербата иста радува
мисла убава тлее
вечниот град останува.

XIV

Вечниот град останува
нема што да жалиме
за нас да раскажува
лошите работи ги палиме.

Оганот тела нѝ стоплува
на чуден јазик зборуваме
кралот орден ми доделува
со сите се збогуваме.

Нејќам да спијам
слепо те следам
во сатот се кријам.

Торба надеж носам
стихови нови редам
за љубов просам.

Магистрал

Врвејќи горе месечина потемнува
Еднаш не наидов на цвете
Радоста моја сама почекув
Аласот мрежа плете.

Никогаш не се осмели
Ама е лирска оваа драма
Денот почна да дели
Евангелие ново спрема.

Жезло кралот в рака носи
Љубезен бев до крај
Убост од вкусови роси.

Брза кочија, зора чува
Оглав стар стај
Вечниот град останува.

Автор: Александар Михајловиќ

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели