Светлана Христова – Јоциќ (Ресен, 27 февруари 1941 – Скопје, 27 април 2012) – македонска поетеса, есеист и писател за деца родена e на денешен ден. Завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како новинар во Радио Скопје. Била секретар и претседател на ДПМ, покренувач и главен и одговорен уредник на ревијата „Стожер“. Член e на македонскиот ПЕН центар и на ДПМ. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“.
Книжевно творештво
Калесница (поезија, 1970); Скришен ковчег (поезија, 1974); Сињо (поезија, 1980); Последна битка (повест за деца, 1980); Алка за нишалка (позија за деца, 1981); Еа (поезија, 1984); Хагада (поезија, 1987); Зачатие (поезија, 1990); Самечка ќелија (поезија, 1993); Душница (избор поезија, 1993); Гусларот (повест за деца, 1993); Стровиште (роман, 1994); Силенто (поезија, есперанто, 1995); С.; Бесмертна (поезија, 1996); Голема молитва (поезија, 2000); Крста и монистрото (2003); На ште срце (поезија, 2012)
Во продолежние споделуваме нејзини стихови.
Да се ослободам
Зошто не ми дозволувате анималност,
зошто не: воен инстикт, освојување;
зошто да не ја обожувам страста?
Дозволете ми ги осветите, лукавствата
лутините, сладострастијата!
Зошто не ми доверувате сознанија и мудрост,
зошто не ми давате моќ да поставам цели!
Целта да биде точката – вон Умопретставата,
Целта е кај зборот што е над секој звук!
Зошто се плашите да не го засакам злото?
Да не ги љубам демонските обреди.
Со надумни средства умот се шири!
Зошто да не создавам мит, “чудесна невистина” – мит за новиот век?
Зошто не, средба со ирационални зборови?
Зошто предупредувањето: ако ти се јави
Нешто натприродно, отвори очи и извикај:
“Не сакам да го видам!
Не сум достоен да видам,
ако ова видение е од Бога”.
Зошто одвраќање од демонското заведување?
Дозволете му на сè што се влива во мене,
што нурнува во телово.
Дозволете му на ликот на зборот сам да се образува!
Дајте ми упорност да не се плашам од опасности.
И од скок мртовечки.
Во непознатото и во неочекуваното
да не застанам на половина пат.
И да не паднам во малодушност, срџба и очајание!
Напор, вртлог и бесмисла, дајте ми –
да летам и да не паднам,
како тешка птица да летам право,
како гавран не кривејќи се, не виткајќи се …
Дајте ми волја, уживање, властољубие, себичност
Љубов дајте ми!
Преумножете се што ќе ме истроши.
И – да се ослободам!
Прочитајте ја и нејзината песна „Џамче“.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.