Не е до денот и до мотивацијата туку е до тебе. Денеска е деветтиот понеделник по ред за оваа година. Во следниов текст имам напишано и образложено зошто ги сакам понеделниците. Ги сакав и пред да го напишам тоа, еве после неколку години стојам на истиот заклучок. Пак ќе напишам дека не е до денот. Туку до чувството што го имаме поврзано за кој и да е ден од неделата. Многу добро познато е дека повеќето луѓе чекаат понеделник за да започнат нешто ново. Да почнат некој предизвик.
Таа ментална замка што си ја правиме сами чекајќи почеток на недела или месец само прави да си ги одложуваме активностите. Кога би почнале од сега или од денес при погодно време, автоматски би биле поблиску до целта. Без одлагање и чекање мотивацијата да ни се разбуди. Посебно таа внатрешна мотивација која не е поткрепена од надворешни фактори и средински влијанија. Мораме сами да ја разбудиме во моментите кога мислиме дека ни недостига. Доколку ни тогаш “не сме мотивирани“, не чекаме да бидеме туку се зафаќаме со она што треба да го правиме обидувајќи се да бидеме најдобри во истото.
Токму затоа велам дека не е до понеделникот или до мотивацијата туку до нас самите. До нашиот став со кој ќе го почнеме денот. Дали ќе се разбудиме насочени кон целта и ќе ги завршиме обврските што чекаат на нас со леснотија, позитивност или постојано ќе негодуваме и ќе се жалиме на тешкотијата. Воопшто не прави разлика кој ден е за утрото да се започне квалитетно, со желба за живот, со елан и енергија. Нема секој ден да е таков, тоа е сосема нормално. Но ние сме тие кои одлучуваат каков ќе си го направат денот, нели?
Не може секој да го има тоа “ексклузивно“ право да влијае врз убавината или квалитетот на вашиот ден освен вие самите. Добриот, убавиот, успешниот ден е сопствена заслуга исто како и денот спротивен на таквиот. Не си дозволувајте никому да ја препишете заслугата за вашиот успешен ден исто како и за неуспешниот. Бидејќи никој не може да ви го “расипе“ денот ако вие тоа не го дозволите. Можат да се обидуваат, но моќта е во вашите раце за да останете смирени и без реакција да ги примите негативностите.
Негативната енергија и лошите вибрации ќе стојат подалеку од вас ако се навооружате со “штит“ кој не е ништо повеќе од насоченост кон себе и никакво реагирање на сè околу вас. Нештата што не зависат од вас и врз чии последици немате контрола, едноставно не заслужуваат внимание ниту реакција. Речете си: „Денеска јас ќе бидам заслужна за квалитетот на мојот ден и никј друг“.
Наталија Наумовска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.