На Радован Павловски
Не е пајак, тоа е ламба.
Покривот е како сито.
Театарот е како амбар
што мириса на старо жито.
Се рони веќе таван.
Старата позлата паѓа.
Се шета шарена крава
по бината, како лаѓа.
Низ пердуви и слама
во полутемнината скитаат
како во дамнешна драма
деца и мачки, питач.
Кои се артисти — не се знае.
А каде е и публиката?
Се појавуваат во кругот сјаен
и шепотат, не викаат.
Како без нивна волја
се шуткаат и бладаат.
Во сето главна ролја
има питачот со брада.
Се гледа Патот Млечен
низ штици како в шума.
Децата го цицаат секоја вечер
заборавајќи да глумат.
Се згустува самракот розов.
Никаква драма нема.
Замислувајќи дека се во возот
сите во фотелјите дремат.
И каде што правта сива
паѓа врз жолтиот декор
децата сега заспиваат
замачкани со млеко.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.