Орфеј и Евридика – А. Лефкоска

Кога беше пред мене – молчеше,
штом зад мене стоеше, шептеше тивко:

‘Заврти се. Заврти се.
Љубов, погледај ме.’

Ладна пот ме облеваше,
вените ме болеа,
знаев дека негде зад ме чекаше,
да пукнам; да крикнам;
да цркнам од желба, по тебе голема.

Евридика. Евридика.
Имај милост на душава,
во овој живот немам лира,
ама имам многу пенкала,
а ти везден си зад мене застаната:

Пламења ти плаштат од очите,
од усните амброзија,
ѕвезди што сјаат во ноќите
не ти се до колена.
И ме следиш таква,
ко Нимфа од смртничко вино опиена,
и ми пружаш од позади нежна рака,
целата во копнеж и грев и Ад обвиена.

Требаше да знам уште од првиот пат во таа тишина,
баш тогаш, баш таму кога ме повика,
дека ти си таа моја што ја барам,
Ти си Евридика.

Ама душата оќуте,
душата од страв побегна
и ги затвори болно очите
и никогаш веќе не те погледна.

Лета заминаа неброени – глуви и мачни,
иако се смеев, ко празна дупка ти ми зјаеше в гради,
секое лето, секоја пролет,
секој дваесет и осми,
се прашував, кога те бакнав вечерта,
што ли сони?

Среќна беше или несреќна,
што твојот Орфеј не беше доволно храбар да те погледа?
Да те изусти надвор од книги и песни и стихови?
Те болеше ли, Евридика,
тоа што се најдовме во овој од сите други животи?

Јас тажев и сѐ уште тажам за сѐ што си одзедовме,
ти животот, а јас светлото во себе.

Ама зошто пред мене молчеше,
а сега низ мракот ми шептиш?
Не можам да се свртам – имам страв, имам немир.

‘Заврти се. Заврти се.
Љубов, погледај ме.’

Не можам – не ме терај да молам и колнам,
крвта да ја плукнам, па пак да ја голтнам.

‘Заврти се. Заврти се.
Љубов, погледај ме.’

Шептеше ти со друго име, Евридика
се свртев пред крај,
не можев да дочекам.

И се случи тоа што се плашев; тебе наеднаш те снема,
а јас мртов паднав со моите пенкала на таа црна земја.

“Дали го знаеш митот за Орфеј и Евридика?
Дали на нешто те потсеќа?”

Се загледа в далечина,
па одмавна со главата.
Пак се сокри зад мене,
пак изгорев:

Јас Орфеј, ти Евридика,
таква изгледа,
ни беше судбината…

Преќутев.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели