Војната е погубна за човештвото, но дали владеачот на едната завојувана страна се однесува дека ова го знае? Воопшто не изгледа така. Се дистнцирам од постојано гледање вести, не сакам да следам политика, но ова не смее да се занемари. Зошто? Бидејќи сите сме засегнати на некој начин иако изгледа дека војната е далеку од нас. Порталите се изнапишуваа секакви информации уште од почетокот на нападите од Русија врз Украина. Практично бевме бомбардирани со секакви известувања поврзани со тамошните случувања.
Треба ли да напоменам дека сите информации не се точни и дека некои од нив се објавени само заради кликови? Секој возрасен, одговорен човек треба да е свесен за “нецелосното“ информирање или заобиколување на вистината од страна на медиумите. Некогаш тие го прават тоа ненамерно, но некогаш со цел и причина. Затоа ве молам бидете внимателни при читањето вести по сите домашни и странски портали. Честопати ни се презентираат нецелосни слики за многу работи, не само за моменталните случувања.
Ковид пандемијата сега е во сенка, вниманието е целосно насочено кон збиднувањата во Русија и Украина. Не дека луѓето целосно престанаа да се плашат од вирусот туку се зафатени со следење на воените состојби. Така некако природно, незабележително, бројките на заболени почнаа да се симнуваат. Изгледа и сертификатите ќе ги повлекуваат. Не знам зошто воопшто беше потребно да се имаат кога се вадеа лажни, а и во моловите и останатите места ретко кој ги проверуваше?
Истото е и со “наметнатото“ вакцинирање. Многумина се вакцинираа за да не проупштат важен настан од животот на најблиските бидејќи услов за присуство беше покажан сертификат за примена барем една доза вакцина. После сè ова, сега изгледа се премислиле, па ќе ги повлекувале. Кој со кого си игра овде? Продолжуваат да си играат држава, да манипулираат со народот како што ќе им текне. Дали е во ред ова што се случува? Секако дека НЕ. Зошто побогу дозволуваме вакви ликови да ја водат државата и да ја носат во пропаст?
Не е со политичка конотација овој текст, сите водачи се подеднкаво деструктивни од било која партија. Сите до еден кога ќе дојдат на власт магично забораваат на ветувањата и се претвораат во оние кои до вчера ги плукале. Стануваат она за кое до вчера викале дека нема да бидат. Истото е секогаш, а додека ова не се промени ќе си тонеме полека. Сè додека се прават притисоци и се исполнуваат лични потреби злоупотребувајќи положба, нема да нè биде. Никогаш нема да ја биде државава ако продолжи ова самоуништувачко однесување наметнато одозгора. Што сме ние луѓето за вас?
Дали сметате дека македонскиот народ ќе молчи цело време? Мислите дека малку беше стресно во последниве две и пол години? Не ви е јасно дека народот е исплашен, под стрес, и во неизвесност? Да не зборувам за останатите финансиски проблеми, заглавување со кредити, невработеност, сиромаштија, последици од прележан вирус. Списокот може да продолжи уште, и тука ми се стега грлото. Нема човек кој не беше погоден од пандемијата. Секој од нас може да чекира барем едно нешто од погоре споменатиот список. А тоа многу ме заболува бидејќи никој не го посакува. Јас знам дека ова многу добро го знаат тие што ни ја водат државава. Само не знам колку се свесни ако се обиделе да го земат ова сознание во нивна полза, па врз основа на него донесуваат одлуки.
Ретко кога донесле една валидна и стабилна одлука без сериозни последици. Дури и ако донесле некоја одлука којашто изгледала солидна, потоа се премислуваат, нешто испаѓа и накрај се покажува дека и таа не била солидна како што изгледала. Ми се смачи од овие игри, премислувања и самодеструктивни однесувања. Бидејќи ги плаќа народот, ги плаќаме ние, а влогот е во нашето здравје, пари и мир. Не може да има стабилна земја ако водачите не се сигурни во своите статови. Не смее да се дозволи да си играат “пу, пу не важи“ сега со било која одлука која нè засега нас луѓето.
За волја на вистината, секоја нивна одлука се рефелктира врз нашето живеење. Сакале да признаеме или не. Не, не сум партиски обоена дури и ако утре извадам партиска книшка. Зошто? Бидејќи утре кога ќе појдам на гласање во секое време можам ливчето да го направам неважечко или воопшто да не го дадам мојот глас. Ете затоа секогаш сум на страната на правдата, а политката не можам да ја поднесам. Ниту пак сакам целосно да ја разберам. Сфаќам само дека нејзиното постоење наместо да носи добро, честопати излегува дека е на штета на обичниот граѓанин.
За ова не се криви политичарите, ниту сегашните ниту идните. Тие само ја “играат играта“ што некој пред нив ја започнал. Кога се впуштиле во тие води сфатиле всушност колку е различна политиката во нивните глави и теориски, и од она што треба да се применува. Затоа не ги обвинувам политичарите како личности, но им замерувам што дозволиле да го продолжат синџирот кој го начекале. Им замерувам како политички фигури што не знаат да застанат цврсто на нозе и да се борат за правата на луѓето. Достојно и како што треба, а не со прифаќање на уцени, поткупи и манипулации.
Војната е најдеструктивна за човештовото, а со себе носи еден куп други последици. Економско слабеење на државата, штетни од огромни размери, болести, глад, сиромаштија, дестабизлирање, и што ли уште не. Зошто мораше да се одбере патеката што води кон ова, наместо помирната варијанта без последици од огромни размери? Одговорот ќе стане уште појасен понатака. Никому не му е од полза војна, а покренувачот на истата ќе си сноси соодветни последици. Одговорен е за многу црнила што ги снајдоа двете земји. Еден ден ќе ја плати цената на сите негови одлуки што биле на штета на народот.
Војната што се случува сега е само доказ колку еден нестабилен политичар може да нанесе штета врз цела земја. Да не зборувам за штетата на луѓето таму, нивното здравје, загубите и страдањата на невини жртви. Кој нормален човек сака да има војна? Никој. А кој политичар (водач на држава) сака да предизвика војна? Само тој што не е свесен за последиците што ќе ги предизвика. Само тој што не научил ништо од минатото. Тој што е психички лабилен и не размислува рационално. Тој што не може да процени колкава е штетата што ќе настане по завршување на војната.
Ако не прекине во најбрз можен рок ова војување, доцна ќе биде свестувањето за штетата што ќе настане по завршувањето. Ете вакви нестабилни луѓе водат држави, а последиците ги плаќаат цивилите, невините жртви и тие што се на борбените фронтови. Колку дечиња нема да си ги видат повеќе нивните татковци? Колку мајки нема повеќе да ги гушнат своите синови? Колку жени ќе се будат со празна страна во креветот, без нивните сопрузи? Знаете ли колкава болка ќе биде нанесена и веќе се нанесува?
Во моментов додека ова го пишувам некој веќе рони солзи за загубата. Додека ова го читате многу луѓе се смрзнуваат од студ криејќи се, во неизвесност за својот живот, исплашени. Мислев дека нема да го доживееме ова во 21. век. Не замислував дека толку лесно би дошло до вакви случувања во оваа технолошка ера. Не сакам да замислам низ што ќе поминуваме ако овде би дошло до слично сценарио. Војната е илјадници киломтери од нас, но не е ни толку далеку. Не сакам ширење паника меѓу луѓето, сакам сите да бидат во мир, без да стравуваат за сопствената безбедност.
Ги разбирам сите што панично купуваат залихи за храна, тоалетна хартија, полнат резервоари во превозните средства. При анксиозни чувства, паника и страв честопати се прават избрзани, помалку нелогични одлуки. Постапки кои се на некој начин “превенција“ при можни понатамошни случувања. Ги критикувам сите што се обидуваат да прават профит користејќи ги овие “слаби точки“ кај исплашениот народ. Не заборавајте дека еднаш цело “лудило“ ќе мора да заврши, а вие пак ќе треба да живеете меѓу луѓето. Не смееме да дозволиме да бидеме нечовечни во тешки времиња. Не смееме самите да се доуништуваме туку да го спречиме секој обид на наше уништување.
Само сплотени ќе успееме да не се распаднеме, а не со меѓусебно вадење очи. Не сакаме војна никаде, сакаме мир. Не сакаме страдање, сакаме среќа. Во завојуваните земји сè додека нема ракување за помирување, луѓето ќе страдаат. Во надеж дека сè брзо ќе заврши како и што почна, останете рационални. До следно!
Наталија Наумовска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.