Карма Второродена – А. Лефкоска

Убиј ме не се мисли,
пукај, нека ти излезе меракот,
нека заврши,
ама ако ме убиваш, убиј ме пред зори,
да ме фатат трите петли будилници,
да не ме вратат назад карможелните судбини.

Ако ме убиеш, убиј ме целосно,
ако се дрзнеш да ме изгориш
гледај тоа да е темелно,
зошто ако се вратам
душа ќе ти вадам без око да ми трепне,
ќе молиш да плачеш, ама солза нема да капне,
масло и чорапи в црква ќе носиш,
цвеќе икони да краси,
ама џабе ќе ти е – ако се вратам по смртта,
никој од мене не ќе може да те спаси.

Зошто јас сум Карма Второродена,
Космичка Правда во човечко тело олицетворена,
јас сум таа во која се колнеш и молиш,
јас сум таа со која се дрзнуваш да палиш и гориш,
јас сум таа вечна меѓу Месецот и Сонцето,
убиј ме – дрзни се, ама знај,
секогаш, секогаш, на крај доаѓам по своето.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели