Епитаф – Матеја Матевски

Ќе останат многу нешта во непостојаноста на ветерот
што ја разнесува песната
на својот далечен говор

Ќе останат многу нешта во несфатливоста на морето
и намовнувањето негово
под благите струи на пладнето

Ќе останат многу во бесмисленоста на маглите
што ги исполнуваат длапките
со своето аморфно постоење

Во немите грла на карпите
по кои лазат шумните
ластари на зеленилото

Ќе останат многу нешта во непознатите очи на светот
во кои една далечна ѕвезда
се изронува во ништо

Зашто еден ден ќе препукнам каменот како што пука
преполовен под товарот на сончевата сенка
И прашаат ли што му стана
во ѕвезденово пладне
од што папса што почина кај загина
ненадејно
ќе речат од ништо од добро стоење
А каменот зборови нема

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели