Skip to content

Борбата за Аталанта

Борбата за Аталанта ја прикажува снаодливоста на единствениот младич кој успеал да ја надитри најбрзата девојка и тоа не со сила туку со помош на златните јаболка. Прочитајте во продолжение како се снашол херојот со помош од божицата Афродита.

По смртта на Мелеагар, Аталанта се вратила во планините на Аркадија. Таму продолжила со иста страст и вештина да се занимава со лов. Ништо не ѝ создавало поголемо задоволство отколку да шета низ шумите и да ги гони дивите елени. Аталанта се прочула во цел свет со своите подвизи и достоинства. Сите млади херои околу Аркадија зборувале само за нејзината убавина, брзина и храброст. Природно, секој од тие млади херои сакал да ја земе за жена. Таа би можела да стане и кралица, ако сакала, зашто со неа, со голема готовност, би се оженил и најбогатиот крал на Грција.

Но Аталанта воопшто не мислела на младите херои. Таа го сакала слободниот шумски живот повеќе од оние убави работи што би можеа да ги има во еден дворец. Но младите херои не можеле да се помират со незиното „не!“ и да се откажат од неа. Затоа продолжиле да одат во Аркадија и да се настануваат таму, па најпосле, шумите се исполниле со млади јунаци. Кога видела дека веќе нема начин да им се спротивставува, Аталанта еден ден ги собрала сите и им предложила:

– Вие дојдовте тука и ме сакате за жена. Еве го моето решение. Жена ќе му станам на оној маж кој ќе ме наттрча. Имено, ќе трчаме од планината до реката долу.

– Согласни сме! Согласни сме! – извикале во еден глас младите херои.

– Но чујте уште нешто! – додала Аталанта. – Оној што ќе се обиде да измери сили со мене, треба отсега да знае дека ако победам јас, тој ќе ми плати со својот живот.

О! Како сите ги наведнале главите, кога ги чуле тие лути зборови. Речиси половината од нив си заминале дома.

– Зар нема да ни дадете малку предност? – прашале останатите. – Се разбира – се согласила Аталанта. – Ќе ви дадам сто чекори предност. Но размислете добро! Ако некого престигнам пред еката, тој ќе го загуби својот живот.

Мнозина се откажале уште тогаш од натпреварувањето, но некои млади херои останале. Така секој ден имало по едно натпреварување и, се разбира, секој ден по еден херој плаќал со сопствената глава дека не можел да ја победи брзата Аталанта. Еден ден од некој далечен град пристигнал убав и висок млад човек, кој се викал Меланион.

– Подобро ќе биде да не се натпреваруваш со мене – го посоветувала Аталанта. – Сигурна сум дека ќе те победам, а тоа е значи твој крај.

– За тоа ќе видиме – ѝ одговорил Меланион.

Пред да си ја обиде својата среќа, Меланион ѝ се помолил на божицата на убавината Афродита, која, бидејќи тој бил многу убав и умен, го сожалила и му дала златни јаболки и му кажала што треба да стори со нив. Кога сè било готово за да почне натпреварот, Аталанта се обидела уште еднаш да го убеди убавиот Меланион да се откаже, зашто и таа го сожалила.

– Сигурна сум дека ќе те победам! – му рекла таа.

– Ќе видиме! – ѝ одговорил Меланион и тргнал откако претходно ги ставил во својата пазува трите златни јаболки.

Аталанта го пуштила да оди доста напред, а потоа летнала и таа како стрела. Меланион не бил многу брз и за неа воопшто не било тешко да го престигне. Аталанта му дала голема предност, бидејќи навистина го сожалувала. Меланион ја чул зад себе, го слушнал нејзиното брзо дишење и сфатил дека му се доближува сè повеќе и повеќе. Тогаш фрлил зад себе една од трите златни јаболки. Аталанта многу се восхитувала од блескавите скапоцени камења и од убавото жолто злато. Таа видела колку е сјајна паднатата јаболка и застанала да ја земе. За тоа време Меланион добил доста предност. Но тоа не било ништо. За неколку минути Аталанта пак го настигнала.

Тогаш Меланион ја фрлил и втората јаболка. Таа била уште поубава и поголема од првата, затоа Аталанта не сакала да ја остави и да ја земе некој друг. Се запрела да ја подигне и неа од земјата. Но повеќе се задржала отколку што мислела додека ја најде и кога се исправила, видела дека Меланион се оддалечил на околу сто чекори. Сепак тоа не било ништо за неа. Многу лесно можела да го стигне и да го помине. А толку го сожалувала тој  неразумен младич. Меланион пак слушнал како Аталанта, налик на брз ветер, се приближила до него.

Тогаш ја извадил и третата јаболка и ја фрлил на падината што се спуштала кон реката. Острото око на Аталанта веднаш забележало дека таа јаболка била поубава од првите две. Ако не се втурнела да ја грабне веднаш, ќе се истркалала во водата и ќе се изгубела. Не сакала да дозволи да се случи тоа. Се свртела встрана и истрчала да ја фати. Така Меланион добил уште во време. Сосема малку му останало до крајот на целта. Аталанта сега ги напрегнала сите свои сили, за да го престигне, но истовремено срцето ѝ се свивало од болка за него.

Меланион бил најубав од сите младичи што ги видела во својот живот, а освет тоа тој ѝ ги дал и тие три златни јаболка! Зар не би било жалосно да умре и тој?! Па така таа го пуштила да ја победи во натпреварот. По победата, се разбира, Аталанта му станала жена на Меланион. Тој ја одвел со себе во својата далечна татковина, кајшто си живееле среќни и долги години.

Можеби ќе ве интересира да го прочитате и митот за Аталанта.

Напишете коментар