Како ’рѓосува ’рѓата – Петре М. Андреевски

‘Рѓата дојде од – не знам каде:
со снегот или со дождот слезе,
низ клучалка, низ оџак се вдаде
и оголсама дома ни влезе.

И започна низ куќа да лази
и со воздишката да нè плаши
и почна да гризе и да гази,
да одвинтува, да крцка, да праши,
да се провира, да душка, да зоди
и почна да се шири ко вода
(и во мракот со мрак да си свети)
и сешто на патот што ќе срети
со голата душа да го глоди…

Оти ‘рѓата, ‘рѓа за да биде,
погладна е и од секој гладен,
но кога изеде сè што виде
и кога немаше – како и каде,
почна и од својата ‘рѓа да јаде
и почна да се аби, да слаби
и – ‘рѓата – ‘рѓоса од своите заби.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели