81 – година од смртта на Вирџинија Вулф: Потрага по Сопствена Соба

„Една жена мора да има пари и сопствена соба ако сака да пишува фикција.
Вирџинија Вулф, „Сопствена Соба“

Осумдесет и една година токму денеска изминува од смртта на генијалната писателка Вирџинија Вулф. Таа го усовршува стилот на пишување наречен „Свесен наратив” и скоро совршено успева да го фати она што никој пред неа не успеал: Сегашниот момент.
За Вулф можам да пишувам и зборувам многу. Можам да развлечам за  цвеќето во „Г – ѓа Даловеј”. Можам да обрнам внимание на демнењето на смртта во „Собата на Џејкоб”. Можам и да монологувам за љубовта, животот и природата во „Орландо“. Но, денес одлучив да му обрнам внимание на збирката „Сопствена Соба“.

Издадена во 1929 – та година збирката, која всушност и не е збирка, туку еден развлечен есеј посветен на жените и фикцијата,  базиран на предавањата кои Вулф ги одржала на Универзитетите за девојки  Гиртон и Њухам во Кејмбриџ, е детално истражено, совршено искажано и напишано писмо кон жените – автори: минати и идни.
Вулф, со нејзините детални описи на сопствените мисли и опкружувања и истражувања, нѐ носи на една прошетка низ вековите, класите и препреките кои жените морале и сѐ уште мораат да ги поминат за да успеат во избраната професија, а и животот. Низ тоа патешествие се осврнува на Џејн Остин, Афра Бен, Ан Финч, Џорџ Елиот (Мери Ан Еванс), Кристина Росети и многу други. Ова се жени – автори кои почнале да го поплочуваат патот кој, според тогашното општество не ни требало да постои. Сето тоа го зачинува со приказната за фиктивната Џудит Шекспир со која ги одвраќа и крши мизогонистичните аргументи за глупавоста и неталентираноста на жените.

И за „Сопствена Соба“ можам многу да зборувам. Наместо тоа, ќе изберам да молчам и да се запрашам зошто по 93 – години од издавањето на збирката, писмото, книгата, како жени во ова општество сѐ уште трагаме и се мачиме да ја пронајдеме сопствената соба? Каде ли е тоа наше ветено – скриено место? Не сме ли мрднати од криење по тавани и голтање зборови? Немаме ли пенкала скриени или моливи? Илјада песни и приказни в грло заглавени.  Оставени, да се распаднат во нас, или па, да распукаат од целиот тој притисок.

Некои ќе речат дека го имаме тоа што сме го немале. Некои ќе речат дека многу бараме. Некои па, ќе речат дека многу зборуваме. Обично тоа се оние кои ја гледаат пошироката приказна. Малите моменти на секојдевно понижување се нешто друго. Со нив се соочува жена која одбива да влезе во калапот на ова општество. Не е мажена, финансиски е стабилна и пишува, еднакво на „одлични темели“ за класифицирање во една од дадените подгрупи:

1.Ѝ фали нешто.
2.Не е нормална.
3.Модерна вештерка.

Ваквите размислувања ги прават книгите како „Сопствена Соба“ и писателите како Вирџинија Вулф релевантни и денеска.
Можеби „Сопствена Соба“ има деведесет и три години, можеби Вирџинија Вулф физички ја нема веќе осумдесет и една година, можеби сме на подобро место, но битката сѐ уште не е завршена. Да, има уште многу долго да се зборува за потрагата по посебната соба и жените и фикцијата, а со кого да се започне прво, ако не со Вирџинија?

Прочитајте ги и бладањата на еден фан.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели