Skip to content

Историја на македонскиот фудбал (Фудбалот во Македонија)

Историјата на македонскиот фудбал почнува од 1909 година. На 9 април турски офицери на школување во западноевропските земји на импровизираното игралиште на полјанката зад некогашната Учителска школа во скопската населба Ислахане (Идадија) го одиграле првиот натпревар меѓу себе. Овој датум е прогласен за Ден на македонскиот фудбал. Тогаш топката првпат тргнала од центарот и почнало испишувањето на историјата на македонскиот фудбал.

Историја за основањето на првите македонски фудбалски клубови

Првиот фудбалски клуб во Македонија, подоцна Вардарска Бановина, го формирале Турците во 1911 година под името Ускип (Скопје), како претходница на СК Вардар во 1912 година, Пелистер од Битола во 1914 и ФК Воиновиќ една година подоцна. Во првите денови на април 1919 година во старата зграда на кафеаната “Кермес” во Градскиот парк се одржало Основачко собрание на СК Напредак, кој набргу потпаднал под патронат на англиската хуманитарна организација “Христијанска заедница на младите луѓе”. Овој клуб на 20 април го одиграл првиот официјален плакатиран, а наедно и меѓународен натпревар во Македонија, забележувајќи ја првата победа над репрезентацијата на англиската војска од 2:0.

По овој успех во сите поголеми градови, на маалска основа и со голема помош на чаршијата, се формирале нови спортски клубови, кои биле самоорганизирани, препуштени сами на себе. Дури во 1924 година биле примени за членови на Белградскиот фудбалски потсојуз, кој за нив формирал посебна управа под името Скопска фудбалска жупа. Во 1927 година таа прераснала во Скопски фудбалски потсојуз (СЛП) во кој членувале не само клубовите од територијата на Вардарска Бановина, туку и од Врање, Лесковац, Косово и Метохија, па дури и од Горица, Црна Гора.

Фудбалот и во Македонија станувал сè поактуелен

Фудбалот, или “футболот”, како што ја нарекувале оваа игра во Македонија во времето на нејзиното актуелизирање, започнал да се развива во почетокот на XX век. Во 1919 г. биле основани фудбалските клубови: „Македонија“, „Напредок“, „Сингелиќ“, а во 1920 г. клубовите „Вардар“ и „Југ“. Во 1922 била формирана ФК Беласица од Струмица, а една година подоцна и фудбалскиот клуб „Тиверија“ од истиот град. Првиот Скопски “лоптачки” потсојуз бил формиран во 1927 год. Десетина години подоцна бројот на фудбалски клубови пораснал на 55, а броел над 2500 членови.

Забрана за работење на клубовите и формирање на првата македонска фудбалска репрезентација

За време на германско-бугарска окупација им била забранета работата на многу фудбалски клубови. Само десетина биле примени за членови на Бугарската фудбалска федерација, која ги рспоредила, под присмотра на полицијата, да се натпреваруваат во Првата и Втората бугарска дивизија, оневозможувајќи им добрата и ефикасна игра да ја крунисаат со победи.

Во есента 1945 година првпат во историјата на македонскиот фудбал се формира македонската фудбалска репрезентација. Таа учествувала на првото повоено првенство на Југославија во Белград, каде што во првиот натпревар загубила од селекцијата на Војводина со 1:3. Голот за македонскиот тим го постигнал Јане Јаневски во 18 минута.

Повоен фудбал

Вистинска преродба и омасовување на македонскиот фудбал почнал со формирање на Одборот за фудбал при Фискултурниот сојуз на Македонија што, со одлука на Владата на Македонија, бил формиран во 1945 година. Тој на 16 август 1948 г. прераснал во Фудбалски сојуз на Македонија со прв претседател, писателот Коле Чашуле, а генерален секретар – легендата на македонскиот фудбал, Драган Геров-Гагуш. Во Сојузот набргу се формирале и стручни организации. Почнал со работа Сојузот на фудбалските судии, како продолжение на Судискиот одбор што во Скопскиот фудбалски потсојуз во 1927 година го формирал првиот македонски испитан судија Душко Поповски.

Во 1952 година скопскиот судија Борче Неделковски стана прв македонски меѓународен судија. Иако македонските тимови во сите конкуренции во коишто се натпреварувале биле меѓу водечките, а најголем успех постигнле: скопски Граѓански како прв македонски прволигаш во првенството на Кралска Југославија во 1938/39 година. По ослободувањето Победа станал прволигаш во нова Југославија, на која подоцна и се придружиле скопските тимови: Вардар и Работнички, а потоа и Тетекс од Тетово. Меѓу прволигашите – Вардар бил најуспешен тим, бидејќи во 1961 година го освоил југословенскиот Куп. Додека во натпреварувачката 1986/87 година ја понесол шампионската титула на југословенскиот фудбал.

Прочитајте и дознајте ја историјата на фудбалот – како настанал?

Напишете коментар