Ненад Џамбазов и „Земјата на лажговците” – А. Лефкоска

За Ненад Џамбазов, средбата, детството и приказната

Пред некој ден од нафталин (ко што би рекле малку постари од мене) ги извадив старите книгичиња што ми ги беа купувале како дете. Меѓу нив беше и „Земјата на лажговците” од нашиот поет и писател Ненад Џамбазов. Тоа е еден краток расказ кој ми светнува во главата само што ќе се почне муабет за детство. За да ова има смисла, морам да се навратам малку во минатото. Бев второ или трето одделение кога го запознав Ненад. Па и не го запознав баш – во традиционална смисла на зборовите;

Учителката влезе во училницата со еден насмеан чичко (ова беше времето кај што сите ни беа чичковци и тетки) и нѐ замоли за внимание. Ненад беше дојден да си ја претстави книгата – збирка од проза и поезија. Жонглираше, рецитираше, кажуваше гатанки и прикаски и на крајот од денот многу дечиња (па и јас меѓу нив) си заминаа дома со по една копија. Тоа беше првиот пат кога дојде. Можам да зборувам сега многу за Ненад и неговото творештво и за тоа како, на овој или оној начин ми влијаеше, колку што може да се влијае на едно дете заљубено во книги, сликовници и приказни наместо играчки.

Можам да кажам дека првата песна што ѝ ја изрецитирав на учителката (онаа на која се расплака) беше од Ненад. Можам да раскажувам како ми носеа магично чувство римите и зборовите сврзани еден до друг, гатанките со одговорите свртени од наопаку… Ама, денес сакам да удрам светло на расказот „Земјата на лажговците“. Од првиот пат кога го прочитав, го читав уште десетпати толку, го читав можда со месеци сѐ додека книгата не се избрчка и на крај не се изгуби. Поминаа години и години, а Земјата на лажговците со кралот Тутуле бале остана со мене. Ја најдов вчера книгата. Убави сеќавања се вратија – па реков, да споделам. Да ја дознаат и новиве дечиња оваа магична земја од која место вода, вкусен јогурт извира. Уживајте:

Земјата на лажговците

Земјата на лажговците е далеку, далеку зад седум мориња и гори. За да се стигне во оваа чудесна и необична земја, треба првин да се преплива морето од сладолед. А морето од сладолед полно е со суво грозје, со кикиритки, со лешници, и со мелени оревчиња. Зад морето од сладолед е морето со шампити, потоа морето од баклави, па морето од палачинки, морето од пици, па морето од бонбони и на крајот, морето од чоколади. А во земјата на лажговците владее кралот Тутуле бале. Неговиот дворец е изграден на триесет и три ката, во форма на една огромна џиновска торта. Секој кат е noceбна приказна. Првиот кат е изѕидан со најголеми и највкусни чоколади, вториот е од банани, третиот од портокали, четвртиот од мандарини, петтиот од смокви, шестиот од најслатки слатки и торти. А на триесет и третиот кат живее, јаде и спие, кралот Тутуле бале.

Во земјата на лажговците учениците одат во посебни училишта. Секој ученик има свој кревет, телевизор во боја и маса исполнета со највкусни и најразлични јадења. По цел ден можат да јадат и спијат и да играат од утро до вечер. А кога ќе ожеднат од толку силно јадење, децата се освежуваат со кока-кола или со боза. Во земјата на лажговците од секоја славина течат најсвежи лимонади и оранжади. Секој месец во училиштата наместо писмени работи по математика, или по мајчин јазик, се одржуваат писмени работи по лажење. Ученикот што ќе измисли најголема лага, е прогласен за шампион на знаењето.

А кралот Тутуле бале на најдобрите ученици по лажење лично им подарува најслатки торти, сладоледи и nици. Од толку јадење, пиење u спиење, сите луѓе што живеат во земјата на лажговците се дебели како буре. Се тркалаат низ улиците, зашто нозете им се слаби како трска, а стомаците им тежат од јадење. Никој, ама баш никој ништо не работи во оваа чудна земја, туку само лапаат и се надлажуваат еден со друг. Во земјата на лажговците секогаш е вечно лето и децата пливаат во најслатки базени со кока-кола, пливаат и лижат сладолед, колку што им сака душата.

Бонбоните растат на секое дрво како да се круши или јаболка. По нивите наместо житородни растенија растенија расте највкусен бурек. А од славините на чешмите тече првокласен јогурт. И уште многу интересни нешта има во земјата на лажговците. Но за нив ќе ви раскажувам другпат. Веројатно многу деца мечтаат да ја запознаат оваа прекрасна земја или да се преселат и да живеат во не. А дали постои или не постои земјата на лажговците најдобро е да пресудите вие.

Прочитајте и што се крие зад приказната на Пипи Долгиот Чорап.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели