Анелиса Алева е родена во Рим, каде и живее. Дипломирала руски јазик и книжевност на Универзитетот „Ла Сапиенза“, Рим, во 1980 година. Добитничка е на најразлични стипендии од Министерството за надворешни работи на Италија, во: Брно (1978), Прага (1978-79), Ленинград (1981-82), Варшава (1983), Охрид (1984, 1986). Има објавено девет збирки поезија: „Месеци“ 1996, „Она што доаѓа низ вратата“ 1998, „Писмо во форма на сонет“ 1998, „Ѕвезди и камења“ 1999, „Церемонијален воздух“ 2000, „Наследено злато“ 2002, „Инстинкт и духови“ 2003, „Скршената куќа“ 2010, добитник на Наградата „Сандро Пена“ во 2010 година, „Ликови“ 2018, добитник на Наградата „Виареџио Џиуриа“ во 2019 година.
Портоферајо
Ти доаѓаше во петок попладне
со траектот од Пјомбино
во светол, градски костум.
Секогаш прв се симнуваше.
Мене и мама ќе нè пофалеше
за добиената убава боја
сè поубава, од недела во недела.
На плажа нè фалеше
за тоа колку бевме вешти во водата
но никогаш не се придружи во нашите игри.
Нè набљудуваше од лежалката
мазнејќи си ја косата наназад.
Од назад уживаше да ја гледаш претставата
во која децата си растеа.
Кратко остануваше крај морето,
пократко од другите татковци.
А потоа пак доаѓаше, прв упатувајќи се
кон подвижното мовче што водеше на копно.
Јас се обидував да си замислам колку пати
во темницата, далеку од глетката, требаше
да застанеш пред вратата на излезот
и тоа долго пред пристанот, за да се осигуриш
дека прв ќе се симнеш за да нè гушнеш.
Ја одмерував трпеливоста на твојата нетрпеливост.
Превод од италијански: Анастасија Ѓурчинова
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.