Миле Ѓорѓијоски – 20 палави афоризмичиња

Ги споделуваме афоризмите за деца од авторот Миле Ѓорѓијоски коишто несомнено будат насмевки. Децата се најискрени, невини и чисти души во кои лежи иднината на овој свет. Нивните мислења се важни исто колку тие на возрасните. Ние големите “деца“ честопати учиме од децата, а тие како наши учители го заслужуваат секое наше внимание. Прочитајте ги во продолжение палавите афоризмичиња.

1. Бато и дада завршија факултет и ништо не работат. И јас кога ќе пораснам ќе одам на факултет.

2. Крајно време е дедо да престане да си игра со моите играчки. И него како мене ќе го однесат во градинка.

3. Мама и тато не престануваат сосемејното насилство! Прво ме запишаа, а сега секој ден ме носат на училиште.

4. Најубаво си поминувам кога дедо оди на родителсски. Треба само да му го сокријам апаратчето за слушање.

5. Лошо ми се пишува. Баба и дедо престанаа да ми ги пишуват домашните.

6. Не бегам секогаш од часовите по математика. На пример, кога имаме празен час.

7. И мојата учителка не знае сама да дојде на училиште. Мене тато, а неа еден чичко со кола, секој ден ја носи на школо.

8. Мајките и татковците не се однесуваат фер кон штрковите. Велат дека тие не носат, а не ги канат на нашите родендени.

9. За се се криви мајмуните! Да не еволуирале во луѓе, место да одиме на училиште ќе си игравме по цел ден!

10. Кучињата не треба да се бањаат во студена и солена вода. Можат да добијат морска болест.

11. И бато си има свој прозорец кон светот. Прозорецот од кој бега од часови.

12. За тоа што не си ги поправив сите слаби оценки крива е мама. Ме разбуди кога конечно во рацете ми беше училишниот дневник.

13. Јас имам мајка, татко, вујко, вујна, чичко и нина, а тие имаат паметни телефони.

14. Го изгубив свидетелството. Ме разочара наоѓачот – му го дал на тато.

15. Кога ќе се напие чичо држи безбедно растојание од нина. Се плаши од нејзината оклагија.

16. За училиштето ме врзуваат убави моменти. На пример, средбите со Ана.

17. Има денови кога бато никогаш не бега од часови – сабота и недела!

18. Зошто бато доби единица? Не знае да каже.

19. Мразам сѐ што сакаат Бети, Мери, Сања…Тие ги сакаат Никола, Мики, Златко…

20. Кога Мери е болна и јас бегам од часови! Нема кој да ми суфлира.

Прочитајте ги и следниве афоризмичиња за најмалите дечиња од истиот автор.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели