Ветрот носи убаво време.
Вилнее, јачи во нас.
Ветрот носи убаво време.
Убавото е убаво и поминува.
Останува тагата.
Понекогаш она нè обзема полека,
легнува на нашите очи,
и густо напластена
погледот ни го смрачува.
Тогаш нешто страшно тегобно и болно,
нешто големо и наше, непојмливо за другите
нè измачува.
Но некогаш тагата нè докоснува како трепетлика,
како измаглина над жуберлива река
крај која стоиме загледани бесцелно и немо.
Тогаш сите предмети прилегаат на сказна
па велиме: невозможно, колку е сè убаво.
Ветрот вилнее и јачи.
Ветрот носи убаво време.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.