И за тебе, ајде – Лина Димоска

Убо е да имаш некој на кој ќе ти текнe
ко ќе ти речат „И за тебе, ајде.“
Да сакаш со него сите адети да ги истераш,
ако ти ич по адетите не си била,
ниту по празните народски верувања.
Крај него да станеш жена ко бабите наши,
па да го оставиш да мисли оти е глава на куќата,
ако знаеш дека е свесен оти жената е вратот,
па ја врти главата на која страна што ќе посака.
Крај него да можеш да бидеш послаба, понежна половина,
не дека тој е груб, тој може понежен и помек и од тебе да биде,
ами оти тој ќе ти дозволи жена да бидеш
што ќе сака на човекот свој чорапи да му облече
за стапалата да му се згреат
и ако некому каже дека ти чорапи си му облекла
да мислат дека од умот се мрднал
оти ти не си од таа врста на жени.
Ама крај него да станеш жена ко бабите наши,
па да го дуздисаш, за секогаш да е убав, личен,
испеглан и убаво намирисан,
ко што го личи мажот крај убава жена.
Да му ги чистиш и чевлите,
да може ликот во нив да си го огледа,
оти баба ми вели дека чистотата на човекот во чевлите се гледа.
Да го фрчосаш, влакненце да не остане на него
и да го пратиш на пазар за брашно и коприви да ти донесе,
па од тоа зелник да му месиш,
ако претходно на ум не ти паѓало
дека од тебе добра домаќинка ќе испадне.
Да брзаш да се вратиш од работа,
за побрзо софрата да ја поставиш,
со топол леб, биено сирење и толчени пиперки сред лето,
па секој ручек да ти се слади,
не оти е многу богата софрата,
туку оти ручаш со човекот кој како сонце те огрева.
Секоја ноќ да му се плеткаш низ прстите,
а тој да ти се вовира под кожа,
па од семето негово да носиш плодови во уторбата,
што ќе сакаш да ги носат очите негови, гласот негов
и да му дозволиш тој да им ги избере имињата,
ако претходно си велела оти ти девет месеци ќе го носиш,
па ќе му дадеш име какво што ти сакаш.
Да стареете еден крај друг,
да се стопите еден крај друг,
во неговите прегратки да ти биде домот
оти прегратката е единствен вистински дом.
Да те пргрнува ко ќе заспива оти тоа значело
дека единствено негова сака да бидеш.

Таков ти посакувам,
некој на кој ќе помислуваш ко ќе ти речат „И за тебе, ајде.“

Имам јас еден таков.
„И за тебе, ајде“ го засакав од ко ми се појави во животов.
Нит’ знам, нит’ мислам оти некогаш и за нас ќе биди,
ама некако убо ми иди на душава ко ќе слушам
„И за тебе, ајде“ оти одма на него помислувам.
Дури и да не биди, нека тлее.
Оти убо е некако…

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели