Јазикот е наше најголемо културно и историско богатство кое мора да го сочуваме – Наталија Наумовска

Јазикот е наше најголемо културно и историско богатство, но тој е многу повеќе од ова. На денешен ден се празнува денот на македонскиот јазик како мајчин јазик на македонците, и сите што го зборуваат како прв или втор јазик од самото раѓање. Јазикот е најпрвиот елемент што го усвојуваме од најразна возраст. Покрај надворешните дразби и сетилното искуство во првите години од животот, децата најпрво ги слушаат родителите кои им зборуваат на јазикот што и самите најдобро го разбираат.

Македонскиот јазик како мајчин јазик на многу генерации пред мене, но и на современиците ни е едно главно заедничко обележје, како народ, кој живее во една држава. Се вели дека јазикот е жива материја, дека секојдневно се менува. Јазикот ни е многу богат, во никој случај не е сиромашен. Сиромашни се нашите ограничени вокабулари кои направиле место за зборови од странските јазици, па забораваме колку непознати зборови имаме и на сопствениот мајчин јазик.

Јазикот како аманет

Нашиот јазик го доживувам како аманет оставен од претходниците, од знајчајните лица во македонското културно-историско наследство, како и литературните дејци кои се залагале за негово зачувување, проширување и дооформување. Без нашиот јазик ние не би биле македонци, би немале идентитет, практично не би постоеле како народ. Токму тука е клучната алка во неговото издигнување и укажување на неговата важност. Да не го разбиравате македонскиот јазик немаше да можете да го сфатите значењето на ова што го читате во моментов.

Сфаќате колку се моќни јазиците? А уште колку сме помоќни ние што можеме да ги употребуваме зборовите од еден јазик и на истите да им дадеме смисла? Токму затоа јазикот е најголемото оружје што еден народ го има, со кој треба да се гордее и да го штити. Ако не го штитиме јазикот на кои сме ги изговориле нашите први зборови, кој ќе го направи тоа место нас? Сигурно не оние чиишто мајчин јазик не им е македонскиот. Покрај тоа, не само што е оружје кое менува светови, тој е сведоштво кое останува за навек дека на оваа територија живееле луѓе кои го употребувале, пишувале и зборувале.

Моќта на јазикот и мисијата за недозволување да биде извалкан

Нема да навлегувам во политичките блокади, угнетувањата, непризнавањето и конфликтите околу нашиот јазик, историја и постоење што ги имаме со земјите од соседството. Барем на денешениот ден политиката нека биде тотално безначјана бидејќи сакале да признаеме или не, таа има голем удел во сите општествени случувања од постоењето на нашата држава и пред СФРЈ и после неа. Колку и да не сакаме да признаеме, таа насекаде се вмешува, дури и неповикана. Тука лежи големото проклетство што многу клучни прашања се одговораат преку диригентската палка на одредена владеачка партија која во тој момент е избрана од луѓето.

Денес кога се празнува денот на македонскиот јазик, да не дозволиме јазикот да ни биде извалкан во политички води. Не смее да служи за да се исполнуваат туѓи, лакоми и користољубиви, наметнатни цели. Јазикот како наше најголемо богатство оставено во наследство од минатите генерации без нас не може да постои. Ниту без него ние би можеле да се наречеме македонци. Нашата врска со него е двонасочна и взаемна, како изворот што тече и се влева во утоката, јазикот е изворот, а се влева во секој од нас што ќе го чуе. Ваквата врска е можна најпрво со мајчиниот, а потоа од нас зависи дали ќе бидеме утоки на останати јазици од интерес.

Македонскиот јазик е извор од кој тече бистра вода

Македонскиот јазик е изворот од кој се напојувале многу жедни македонци. Тој е средиштето на нашата култура, зачетокот на целокупното постење на македонскиот народ. Писмено стои во илјадници пишани трудови кои засекогаш ќе се дел од културното и литературно наследство, во сите сфери. Непобитен факт е дека секое дело кое е содржано од нашиот јазик сведочи за неговото постоење. Колку повеќе постојат трудови во кои го негуваме македонскиот јазик толку потешко ќе биде неговото збришување. Обединувањето во насока за зачувување и негување на македонскиот јазик не е комплексна задача. Потребна е внимателност кому ќе се довери таа главна должност.

Заедничка должност на македонците и сите што го зборуваат македонскиот јазик е да бидат чувари на нашето заедничко богатство. Да се продолжи неговото изучување, да не згасне интересот за него. Понатаму, неговото промовирање, претставување пред другите култури, негување, проширување е задача на одредени групи луѓе. Тие самоиницијативно, доброволно, во склоп со можностите, но и должноста и одговорностите ќе се потрудат покрај чувањето на јазикот, истиот да биде препознаен и претставен во светот на начинот на кој што го заслужува. Светот допрва ќе го слушне македонскиот јазик, а многумина ќе посакаат да се напијат од неговиот извор.

Наталија Наумовска

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели