Видео со песничка за деца: „Поезија за македонска азбука“ од Александар С. Трајковски

Видео со песничка за деца: „Поезија за македонска азбука“ од Александар С. Трајковски е веќе објавено на јутјуб каналот. Дел е од збирката „Кратки поеми за најмладите боеми“ (Ѓурѓа). Песната е од едукативен карактер, а јас се потрудив видеото да им биде интересно на дечињата. Можат да ги учат буквите, а исто така и азбуката. При крајот на видеото имаат можност да ги учат и повторуваат буквите и сосема накрај да ги читаат редоследно по азбучен редослед. Во продолжение текстот и видеото. Пријатно слушање и забава!

Поезија за македонска азбука

А и Б со В и Г,
пријатели неразделни се со сите,
создаваат заедно реченици,
од прости и сложени,
до потврдни, одречни и заповедни…

Д и Ѓ со Е и Ж,
се иницијалите на ежот стар,
кој од старост заборавил како се вика,
па не знае каде оди,
и по другите домови им се пика,
ех тој еж наш,
со име Дождовниот Ѓика.

З и S се како двојајчени браќа,
Зид или Sид да ставиш меѓу нив,
повторно би ги разликувале,
со голема мака.
И и Ј се браќа,
кои секогаш заедно одат,
и еден со друг меѓусебно се водат,
а ако застанат пред нивната сестра А,
се соединуваат и ја создаваат,
секогаш неразделната „ИЈА“.

К и Л со Љ и М,
се најчесто буквите почетни
на цвеќињата пролетни,
од кринот и лалето,
до темјанушката и момината солза,
букви како сите многу важни,
кои ќе ни бидат од огромна полза.

Н и Њ со О и П,
едната е без продолжен топ,
другата пак со различен ментален склоп,
и оп, внимателно полека, застани, стоп,
по нив доаѓаат буквите „О и П“.

Р и С со Т и Ќ,
сложени се букви тие,
но Радосни и Среќни сме ние,
зошто со Ќерамида и Тула од нула,
изградивме во мозочето наше
цела зборовна кула.

У и Ф со Х и Ц,
ќе ги научиме и овие букви следни,
и на самиот крај,
ќе ни останат трите последни билети,
за влез во зборовниот рај.

Ч и Џ со Ш,
се трите букви последни,
секогаш на своите зборови доследни,
си ги помниме
по предучилишно утринско,
Чајче со Џус,
со сладок Шеќерен вкус.

Видео:

Слушнете ја песничката и погледнете го видеото за: „Пролет“ од истиот автор.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели