Знај – А. Лефкоска

За сонот

Те гледам – се мрштиш и венеeш
и тупкаш со тие твои скапи чевли,
пак ме сонуваше ноќеска, нели?
Пак ти идев таму кај што не треба,
кај што Сонце ти зајде, а не ти изгрева.

Ми зборуваш тивко и крв голташ меѓу зборови,
знам, јасни ми се тие болки –
тие твои маки човечки.

„Ме проколна ли?” еднаш ме праша,
и молчев – што можев да ти кажам?
Дека ме распарчи?
Дека ме исецка?
Дека ми се пикна во зборови и меѓу нив заблеска?

Наместо тоа, молчев и молчев и молчев,
сакав тогаш –
ама верувај ми, не те колнев.
Сѐ што те јаде, тоа е твое,
ако сакаш да знаеш што те сотре,
прашај си се одвнатре.
Зошто, ме сакаше, нели?
Ме сакаше тоа кратко време,
на сите крикна,
на сите кажа,
освен мене – освен себе.

И пак ме сонуваше ноќеска, нели?
Затоа ме викна – „Да те видам Среќо”,
рече тупкајќи со тие твои чевли,
рече, не гледајќи ме в очи,
може од мака,
може од жал,
може од страв дека ќе ти ги видам во нив сите непроспиени ноќи.

Те гледам како се мрштиш и венееш
и пиеш од кафето студено – горко,
за миг ме погледнуваш и очите ти светкаат – се сеќаваш на сонот,
ама мигот одлетува и сфаќаш дека џабе – го уби ти среќниот ни крај,
молчиш и молчиш и молчиш, ама знам дека ме сонуваш – тоа знај.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели