Зоран Анчевски – Доаѓања – заминувања?

Доаѓањето на вечерта при секој поход
е благослов за уморните крилја
што итаат кон гнездата на ноќта –
тие лесни лотки за бесцелно едрење.

Доаѓањето на тишината во нив
е како брзо пластење на сонот
(„второто Јас на смртта“, велат)
кога повторно те обзема страв,
божем трепет е врз сталожена скрама
што лачи ехо во уво скарано со звукот.

Затоа крајот на секој поход е означен
со силен аплауз на громот што
одекнува во небесните скривалишта.
Таму месечината е глумец зад завесите
исткаени ко тантела од небесни патишта,
спремна да го одигра ноќниот танц.

* * *
На црвојадното небо од овој домашен свет
што те кани на гозба од грди авантури
доаѓањето на утрото е мамурна претстава:
го бележи твоето несигурно присуство во денот
(првото Јас на смртта, велиш)
со ништожност.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели