Skip to content

Избор песна на денот: „Депонијата на Европа“ од Петар Матовиќ

Петар Матовиќ е роден во 1978 година во Ужице, а студиите за српска книжевност ги завршил во Белград. Пишува поезија и есеи, објавува во периодиката и застапен е во повеќе антологии во Србија и во странство. Песните му се преведувани на повеќе јазици: полски, англиски, германски, шведски, француски, италијански, шпански, каталонски, португалски, летонски, галициски, романски, словенечки, словачки, унгарски. Има издадено неколку збирки поезија и добитник е на неколку награди. Во продолжение прочитајте ја неговата песна што ја избравме за денес.

Депонијата на Европа

I live on the Bakans, им велам на туристите од Европската Унија,
i write poetry, им објаснувам со што се занимавам;
климаат со глава во знак на одобрување пензионерите
од Фолксвагеновиот погон во Волфсбург:
Не се сомневам – поезијата на Балканот е егзотична
дестинација за западноевропските туристи.

Ветрот ѝ го крева фустанот на исончанатa Германка,
дама во години со етноѓердани,
слушам опори гласови што изговараат имиња на земји
чии јазици веќе не смеам да ги разберам:
Montenegro, Croacija, Bosnia and Hercegovina, Serbia.

А забележлива е обновата на монархијата:
во цутењето на јоргованите во сербијанските села
феудализмот, пролетва, непростливо пристига.

Се тешам дека ни оди трговијата,
пиратеријата на цедеа, козметички производи.
Во центарот на гратчево на југот на државата
ме убедуваат дека исток е преку границата,
а, всушност, сè е во мешањето на слоговите
чајниз, ромски и сербијански.

Сонцето во лавата на Западот нагло зајде врз мојата усна,
ја гризам зашто ме чеша, си ја собирам робата,
си одам од плоштадот не обѕрнувајќи се. Зад мене
трескот, жубор, глаголиви странци и домородци.
Има ли, освен љубовта, друго решение за Балканот,
официјалната депонија на Европа.

Напишете коментар