Петочки размисли за насобраните каписли – Наталија Наумовска

Петочки размисли за насобраните каписи како еден начин за “ослободување“ од некои натежнати мисли. Се сеќавате на оние детски играчки – пиштоли со каписли што момчињата ги имаа како деца? Капислите од младоста што мислевме дека се едно исто со дијаболи се во поинаква форма, стигаат подалеку од вистинските дијаболи и одеднаш можат да “погодат“ повеќемина. Претворени се во изгубени надежи, натежнати мисли што сакаат да се ослободат, некогаш наликуваат на дијалози од претстави, а некогаш се како приспивни молитви. Можат да бидат и неостварени соништа чиешто остварување на некој начин било спречено.

Моите дијаболи немаат конкретна форма, но се премногу силни. Пукам со оружјето што ми го дарувал Создателот или самото решило дека ќе биде моја одбранбена “сила“. Не целам во никого, немам никого на метата. Ниту пак се обидувам да нишанам, како некогаш со воздушниот пиштол во раната младост, кога одев на часови по стрелаштво. „Важен е правилниот став, мирната рака, исправениот грб и прецизното нишанење во целта“, ми рече тренерот додека ми ја местеше раката. Не знам зошто по краток период прекинав да го посетувам единственото стрелиште во градот.

Уживав додека го гаѓам центарот, моментот додека ја чекав метата со погодоците ми беше еден од најинтересните, како што гледав дека се приближува кон мене, притискајќи го копчето. Не помина многу време оттогаш, и тој стрелачки клуб престана да постои. Речиси и да заборавив дека воопшто го посетував, но сè уште можам јасно да се сетам на специфичниот мирис што се чувствуваше таму. Куршумите беа главни виновници за него, како и целата опрема.

Се враќам на сегашниов момент и гледам колку работи се променети. Немам пред мене мета, а имам толку многу цели што треба да ги погодам, без пиштол. Дијаболите се како целите што се очекува да бидат насочени во правилна насока, директно во центар. Макар и центарот да биде заобиколен, важно е да се погоди метата. Петочките размисли сами по себе си ја начнаа темата за споделување автобиографски моменти. Главната цел не се спомените, не е ниту пукањето со воздушен пиштол. Туку ослободувањето коешто пишувањето само по себе го носи.

Сега целам кон себеостварување, сопствена дореализација. Никогаш не сум целела во други луѓе, а за волја на вистината можеби сум била нечија мета. Колку и да се обидуваа да ме срушат, можеби погаѓале во целта, но никогаш не ја погодија мојата суштина. Ситните души како нив никогаш нема да можат да го згаснат огнот што тлее во мене. Тој е неминлив, вечен со својата обновливост, а се пали во секое мое пишано дело.

„Остар вид, изострени сетила, прецизност, не, чекај, остави го настрана пукањето, нема да станеш сериски убиец“, еден глас тивко шепнува. Којзнае колку сериски убијци на душите постојат наоколу. Не те допираат ни со прст, а можат да ти ја скршат душата на половина. Од тебе зависи дали ќе дозволиш следен пат да им бидеш главна мета. Душекршачи има на сите страни, некои и несвесни дека се тоа. Внимавај кон што целиш и чија мета си ти. Сериски убијци без пиштоли со вистински куршуми, има насекаде.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели