По дождот – Благица Гаврилоска

Барам инспирација во врзаните нишки на мислите во апатија
предизвикани од дождливиот бран кој се истури и замина,
чекајќи повторно сончеви денови да се редат
и сонцето повторно над земјата да броди.

Замислено ја постирам испраната облека да се суши
над росната трева во градината
А сонцето веќе е високо на небото,
еве сум пак тука срамежливо вели
како да чувствува кривица
што се повлече пред дождовната бура
и ги исфрла своите зраци на земјата
искапана по силните дождови.

Ги редам по ред и по боја и ги одврзувам мислите
замрсени во клопчето на апатија
по должина и по боја
најдолгите со долгите
пократките со кратките

Ги бирам и штипалките
бело на бело
зелено на зелено и сè така
да изгледа убаво и во ред.
како стиховите кои ги снема
од таа апатија нема.

А наспроти е црешата која во мене гледа
ги покажува веќе зазреаните плодови и
како да се гордее и се фали
со своите црвено жолти слатки плодови кои
набрзо ќе бидат за берење зрели.

Времето за берба на црешите веќе се ближи
ти најмногу го сакаш ова време
кога црешните мои ќе бидат зрели
и ќе се насладуваш од моите плодови,
црешата ми вели!

Ќе ја вратиш својата инспирација
и ќе се радуваш на пролетно летната магија
кога денот само сончевина ќе нуди
и топлината и инспирацијата во твојата мисла ќе ја разбуди.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели