Песна на денот: „Дрво на ридот“ од Ацо Шопов

За денеска ви издвојуваме една прекрасна поема од великанот Ацо Шопов насловена, „Дрво на ридот“. Исполнета со чувства на меланхолија, љубов и прекрасни поетски слики, поемата навистина ни укажува зошто баш Шопов е бисер во македонската поетска ризница. Уживајте.

Од дамни дамнини расте ова дрво на сува рида без вода
со гранки раскрилени ко птица далдисана во летот.
Високото сонце го заслепува од својот усвитен светлосен одар,
но во него шуркаат сите живи сокови на светот.

И лете му шумолат гранките
и зиме кога заснежува,
а светот го забележува и не го забележува.

Ветришта диви го сардисуваат и сеништа темни,
тврдата почва и испукана бистриот поглед му го засенува,
суши змијарници му ги смукаат корењата земни,
но тоа од пркос зазеленува и расте, расте и зазеленува.

Љубов моја, те сретнав на овој рид како патник во мугри што подранува
ти дадов сè што можам, а сè било јаловина.
Под дрвото се љубевме и израснавме, сушата ни беше ладовина,
сега ние си одиме, а дрвото опстојува и останува.

Дај, господи, исполни ми ја последната желба
при оваа голема делба −
да се најдеме и слееме со срцевината
на ова дрво што расте на сува рида во вишината.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели