Има тишини – А. Лефкоска

Има тишини што нејќам да ги чујам,
ко онаа штом ќе запрат камбаните венчални
и ќе заспијат сите сватови,
штом зетот ќе легне пијан несоблечен,
а невестата ќе стои расплакана пред прозори.

Има тишини што ме убиваат,
ко онаа после лелекањето на гробишта,
кога дождот ќе ја натопи земјата,
кога ќе се разотиде народот,
кога ќе остане измеѓу светови душата,
сама, тажна, исцрпена,
над мермер застаната,
таа тишина во цигарата запалена
што сама догорува – таа е неподнослива;
и ќе стои таму душата расплакана,
за некој што веќе го нема,
ќе стои и низ тишина ќе ги голта зборовите
кажани на црната земја.

Има тишини што не можам да ги сварам,
ко онаа што се простира наместо “Те сакам”,
ко онаа кога двајца седат и скришум се гледаат
и чиниш копнежот во нив презимува,
а тие се гледаат и молчат дур животот изминува.

Има тишини што болат,
ко тивка телефонска линија,
некој спуштил, а некој токму се јавува,
некој кренал, ама премолчува,
некој свртел – и во тишина болува.
Го нема ни она ‘Тит. Тит. Тит.’, штом прекинува,
само тивко,
само болка,
само тишина:
Излишна,
возвишена,
едвај издишана,
полна со вресоци и недокажани зборови, тишина.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели