За денес како избор од богатиот извор на македонската поезија, ја имаме песната „Паника“ од Влада Урошевиќ. Песна е со преубав тек, морничава тематика и скоро филмски заплет. Се надеваме дека и денес ќе уживате во читањето.
Сите авионски летови се откажани за денес.
Од кината и театрите ја враќаат публиката.
Таа ништо не може да дознае за мене
макар што весниците ми ја објавуваат сликата.
Ништо и јас не можам да ѝ јавам по пошта:
пред заклучената врата стои недоверчива стража.
Не постои начин нешто да ѝ соопштам
зашто сите адреси престанале да важат.
Се бараме низ градот безуспешно обата.
Демнат на куќата агенти со панталони на риги.
Тие го стеснуваат кругот, ја опколуваат собата
и јас ги фрлам на нив најтешките книги.
Се искачувам на покривот по влажната стреа.
Меѓу оџаците чета лажни пожарникари ме гони.
И, додека се обидувам напразно да стасам до неа,
во собата илјада луди ѕвонат телефони.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.