Денес одлучивме да уживаме во стиховите на Јосип Коцев, поточно една негова песна насловена „Во овој свет“. Пријатно читање ви посакуваме.
Во овој свет на гратис гушкања,
промоции и 2+1 летувања,
купони, тикети и бинго добивки,
под ова небо со попуст на емоциии
беззаби насмевки на дар,
јас најскапо платив.
Во овој свет на
универзални декларации за човекови права,
полумртви сништа со
прострелни рани од улиците на Мемфис,
под овој свод на милион слободи,
јас најдолго робував.
Во овој свет со срца од марципан и чоколада,
чувства развеани ко знамиња на парада,
ликови од чија убавина можеш да ја
прецрташ скицата на рајот,
под ова небо со шуплива совршеност,
јас најмалку љубев.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.