Skip to content

Бранко Цветкоски – Бледото лице на Октавио Паз

Бранко Цветкоски (Слатино, Охридско, 21 јуни 1954) – македонски поет, литературен критичар, есеист, преведувач, публицист и издавач. Роден е на денешен ден. Ви ја претставуваме неговата песна „Бледото лице на Октавио Паз“.

Бледото лице на Октавио Паз

Со страст ја препрочитувам

Поезијата на Октавио Паз.

Нешто ме гони да откријам потези

Што не сум ги воочил

При претходните раздиплувања.

Долго стојам исправен среде патот

И им пречам на сите

Што влегуваат

Или се враќаат од текстот

Како од замаглен ан на мисли и сновиденија

Во пепелава пустина.

А тој останува блед во својата извесност

Не се поместува од поентите

И знае дека е жив

Само меѓу две загради

Додека занавек остануваат нестварни

Светлината бела

Раката што пишува

Очите што го гледаат напишаното.

Без разлика што ниту него

Ниту мене

Во следниот прочит

И во пораката

Веќе ќе нè нема!

Извор

Напишете коментар