Ова утро го започнуваме со прекрасните стихови на Анте Поповски. Стиховите припаѓаат на поемата насловена „Расфрлани се моите мисли“ во која Поповски, на некој си свој начин успева да ги среди расфрланите мисли и од нив да створи една прекрасна и емотивна композиција. Се надеваме дека ќе уживате во читањето.
Расфрлани се моите мисли денес
како развеани листови
од некое старо евангелие
и небото над нас смрачено и тешко
и светлина нема,
барем себеси
уште малку да си се погледавме.
И јата птици само надлетуваат и грачат
и сам си
зашто и бог – господ кренал раце од себеси
и заминал некаде бесповратно.
Кого да молам,
кој да ме поучи
како да се живее без себеси?
Расфрлани се моите мисли денес
како пожолтените листови од нашето
домашно евангелие.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.