Еден ден
еден иден ден
пак ќе ми го земат гласот, ти незнајнику
и не ќе има фајде да кенкам и гребам
како куче зад затворени врати
зашто никој не ќе има тука
мојот глас да го слуша.
Еден ден
и тоа наскоро ќе биде
пак ќе ми го земат животот, залутан
во некои непознати меридијани
но не во мојот живот кој го имав
а многу одамна го изгубив .
Еден ден
а може и утре да биде
пак ќе ме снема
во непознати орбитали
а себе си одамна се изгубив
а каде и во кој миг скршнав и каде погрешив
не сум свесна и не знам.
За тоа прашајте ја сентименталноста моја
сентименталност ли беше,
наивност или глупост беше моја
како дете неуко и незнајно.
Еден ден
а брзо ќе биде
пак ќе ме снема
а не знам ни сама
каде ќе бидам и каде ќе ме има
само во еден дел од секундата
одлутав без свест и за неблагодарна милост
себе си се изгубив
давајќи сè од себе и самата себе
Еден ден
кога се изгубив
и кога ме снема
во непознати простори
и мрачни беспаќа
не ја знаев лекцијата тогаш
љубовта не се храни со давање
незаситна е и сè повеќе гладна.
Еден ден
ете дојде и тој ден
а може и утре да биде
бледата сенка на месечината
ќе ме прекрие со прекривката
ѕвездена и мрачна
и трагите мои вечно ќе ги снема,
залудно ќе биде да ги барате
затоа што не можете да ги пронајдете.