Експресивниот идеал во делата на Кондовски – Алек Василевски

Изминаа две недели од поставената изложба во Даут пашин амам од доајенот на македонското сликарство, Димитар Кондовски; без никакви претензии или своеглави убедувања, отидов да ја разгледам изложбата и да се уверам дали имам право во понуденото. Секако онаа синтагма која гласи: „Доколку не очекуваш нешто, добиваш двојно повеќе” се оствари; слики, полно како око. На самиот почеток би сакал да напоменам дека нема да се водам по хронолошки, туку по тематски редослед, а би започнал со портретните дела.

Мистичност и некое ребусно решение до гледачот

Во прв момент помислувам на “Портретот на Ана Липша” реномираната оперска пејачка која оддава портретна меланхолија, а можеби и момент на контемплација во грациозен став кој e во дослух со хроматска симетрија на Михаил Врубељ (“Бисер” или “Лебедот”), а од друга страна пак има мистичност и можеби некое ребусно решение до самиот гледач. Кога се доближив до “Портретот на Василие Поповиќ Цицо”, нашиот познат карикатурист, и еден од основоположниците на сценографијата овој пат забележав сосема различно нешто од претходното; од фацијалната ексресија можев да воочам опуштеност и комодитет, опуштените раце беа потпрени на нозете, а вратоврската лежерно опуштена, се насетува флуидот од Сезан на сакото кој ја прави атмосферата компкактна.

Во продорниот лик на “Вапцаров” и поглед на самодоверба се осведочивме како и кај “Мисирков”. Во редот од актерската листа освен Прличко, портретот на Ќортошев ја насетува видливата аура на коскената пиктуралност на австрискиот осаменик Егон Шиле, но не биле фер ако не го издвоиме маестралниот портрет на актерот Илија Џувалековски, кој несомнено потсетува на неговиот француски колега Фернандо Реј, (по игра на случајот додека го пишувам текстов) во Кинотека на програмата ќе се прикажуваат некои од неговите најзначајни филмови како”Дискретниот шарм на буржоазијата”, “Тристана”, “Тој мрачен предмет на желбите” во режија на Луис Буњуел. Кондовски секако ги овековечи својот син Филип и сопругата Хилда, но и низа свои автопортрети низ кои пропатува низ временскиот виор преку ехото на еден Жерико, Енгр па сè до минуциозноста на совршенство од Вермер.

Се двоумам и никако да осознам дали питорескната “Продавачка на цвеќе” со својата ненаметливост дали ме асоцира на раната фаза (црвената) од Пикасо или можеби градацискиот пастелен модул на Едгар Дега. Голем дел од сликарските величини инспиративен импулс на самодоверба пронаоѓале кај Пикасо, па така несомнено градејќи го својот пат кон успехот се вметнува и Димитар Кондовски.

Талентот на Кондовски

Смелиот израз на сатира, кој своевремно беше препознатлив за хабитусот на Оноре Домие, Кондовски го прикажува во “Сеирџии” како една од највпечатливите дела составено од револуционерите Никола Карев, Гоце Делчев во средина мегу нив и тој во алузија на денешницата, со сигнифациски параф на сведоштво, со дневниот весник “Нова Македонија” и цигарите филтер Југославија. Во серијалот на полиптиси повеќето работени во темперна техника на златен панел некои асоцијации ги толкувам како сончеви зраци, други пак временски осцилации сочинети од утра и пладне, но триумфално доминираат и византиски симболи во “Четирите годишни времиња” со тицијанова позадина.

За талентот кој несомнено го поседувал Кондовски уште еден доказ се и делата “Во кујната” изработен во манир на хипер реализам каде доаѓа до совршен перфекционизам линеарната претстава на рибите кои се приготвуваат за ручек со примеса на магдонос, лук и лимон, а на ѕид виси часовник кој како да ги одбројува последните минути…Во шареноликата лепеза од опусот на Кондовски, човек око не може да отргне, а сепак, ете и мене за момент вниманието ми го одвлече некоја друга мисла па не забележав дека се неколку повторни серијали на македонски кулинарски деликатеси кои изнурнале од кујната на Шарден, а можеби и на Мартиновски.

Веројатно на ова прашање може да добиеме одговор само од авторот па така останува енигматичен ребус на поставената сентенца. Во хризантемите и перуниките се насетува мирисот на љубовта и танцот на еросот, а во близина можеби пак од далечина отсвирнуваат фанфарите на Бахус. На самиот крај посакувам ваков тип на изложби да стане една убава практика на културно сликарска бајка наречена Кондовски, а во исто време пандан на европските метрополи како Рим, Париз или аристократска Виена.

Алек Василевски (Мај, 2022)

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели