Песна на денот: „T’га за југ“ од Константин Миладинов

Денеска ги читаме стиховите на можеби најпознатата и најубавата поема напишана на македонски јазик. Тоа е секако поемата „Т’га за југ“ од Константин Миладинов, чии стихови се како вечен пламен кој го потпалуваат огнот на убавината на родниот крај. Поемата е исполнета со меланхолија, љубов и копнеж каков што само еден поет може да му остави на својата земја. Покрај тоа што е пламен, поемата и ден денес фигурира како едно вечно љубовно писмо оставено на едно вечно парче земја од човек кој физички веќе го нема, но преку стиховите живее и е тука. Уживајте во читањето.

Орелски крилја как да си метнех,
И в наши ст’рни да си прелетнех!
На наши места ја да си идам,
Да видам Стамбол, Кукуш да видам,
Да видам дали с’нце и тамо
Мрачно угревјат како и вамо.

Ако как овде с’нце ме стретит,
Ако пак мрачно с’нцето светит
На п’т далечни ја ќе се стегнам
И в други ст’рни ќе си побегнам,
К’де с’нцето светло угревјат,
К’де небото ѕвезди посевјат.

Овде је мрачно и мрак м’ обвива
И темна м’гла земја покрива:
Мразој и снегој и пепелници,
Силни ветришча и вијулици;
Околу м’гли и мразој земни,
А в гр’ди студој и мисли темни.

Не, ја не можам овде да седам,
Не, ја не можам мразој да гледам!
Дајте ми крилја ја да си метнам,
И в наши ст’рни да си прелетнам:
На наши места ја да си идам,
Да видам Охрид, Струга да видам.

Тамо зората греит душата
И с’нце светло зајдвит в гората:
Тамо дарбите природна сила
Со с’та роскош ги растурила:
Бистро езеро гледаш белеит
Или од ветар сино – темнеит;
Поле погледниш или планина,
Сегде божева је хубавина.

Тамо по срце в кавал да свирам,
С’нце да зајдвит, ја да умирам.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели