Поезија за деца: „Кога летаат лилјаците” од В. Полазаревски

Денеска, како избор за најмалите ја имаме песната „Кога летаат лилјаците” од писателот за деца, Ванчо Полазаревски. Мошне интересна песничка посветена на летот на лилјаците и неоснованиот страв од нив. Зошто не треба баш толку да се плашиме, прочитајте подолу.

Кога летаат лилјаците,
сите ги менуваат фаците,
од страв се тресат оџаците,
ужасно бледнеат облаците.
И, што?
Да не летаат лилјаците?
Пеш да не треба
да одат?
Како да не?!
Пеш ќе одат,
кога на куков ден
ќе се родат.
Грди биле лилјаците?
Од нив се плашеле и
пешаците и јунаците и
чираците и стручњаците,
(ама не и дивјаците.)
И што треба
да прават лилјаците?
На козметичар да одат –
да ги разубават фаците?
Кај пластични хирурзи –
да потстегнат, тоа стомаците?
Како да не?!
Лилјаците си се лилјаци,
и ништо не им фали
на нивните фаци и стомаци.
Ете, една Цаци
рече, “Баш се фаци,
и од род се отмен,
на славниот Бетмен.“

 

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели