Skip to content

Август – А. Лефкоска

Си оди август исто ко да не бил,
со секоја своја болка и приказна,
со секоја утрешнина крвава.
Си оди август ко последната недела
од последниот викенд на слободниот студент.

Си оди август, а ние остануваме;
желни за приказните што изминале,
или па, желни за смирување –
конечно по толку Сонце, стемнување.

Си оди август,
а не можам зборови да најдам
за да ти кажам колку те гледав во изгрејсонцата,
во зајдисонцата,
во очите на секоја икона пред која ќе застанев.
Се лизна август низ прсти
ко едно ‘можеби’ неискажано
помеѓу двајца (не уште) љубовници.

Си оди август ко на лето Мавровското езеро,
си оди, а јас не сакам да го пуштам
зошто наше беше тогаш времето,
наши беа ѕвездите и волците
и тишините и молњите летни – запорни,
си оди август – тој со тебе – тој твојот – нашиот
и нема веќе да се врати којзнае колку животи.

Напишете коментар