Денеска, како избор за најмалите ја имаме песната „Ехо“ од македонскиот писател и поет, Петре М. Андреевски. Интересна песничка за гласот кој се враќа и со себе носи многу други убавини. Што е ехото и што тоа им носи на поетот и читателите, прочитајте подолу.
Еднаш викнав од високо
и гласот два-трипати
одзад ридот и шумата
назад ми се врати.
И заедно со гласот
оттаму се врати
и ветрот кој водата
во реката ја мати.
И ја видов тогаш
онаа танка црта
од наглувата земја
и семињата што ‘ртат.
И видов како огнот
и барутот земна,
притаено, скришум,
во заседа се демнат.
И видов јасените
колку јасно дишат
кога сонце навалено
на врвот им се ниша.
И видов како шеќерчиња
јаготката збира
и како сама малината
преточува шира.
И видов колку, каде
во гласот мој е блиску
она што е високо
и она што е ниско.
И видов како може
сегде да се стаса,
но не видов како, како
ми се врати гласот.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.