Skip to content

Замислено патување во Шпанија

Ќе појдевме во Шпанија, можам да нè замислам како јас разменувам зборови со локалните жители на некое помало гратче, а ти ме викаш да седнеме во некој локален ресторан за да пробам сангрија. Потоа за десерт ми викаш да пробаме џоризос, а јас ти велам им го знам вкусот. Ги правевме во кујната на мајка ми пред пет години, но формата не излезе правилна, а беа превкусни. Седнуваме да вечераме со прекрасен поглед пред нас. Ти ми се смешкаш со преслатката насмевка, а јас блистам додека те гледам насмевнат.

Додека го чекаме јадењето се држиме за рака преку масата. Одеднаш ќе ми текне на нешто после некое време и јас ќе почнам да се смеам дискретно. Ти ќе погодуваш низ насмевка што ми е толку смешно, а јас кога ќе станеме да си одиме од ресторанот ќе се пикнам во тебе, ќе те фатам под рака и на твоето рамо ќе ја навалам главата.  „Ла вида ес буена контиго“, ќе ме разбереш што сум ти кажала и страстно ќе ме бакнеш сред улица како наоколу нас да нема никој. Токму таа твоја спонтаност, неодоливата насмевка и харизма ме освоија на прва. Ти се допаднав и јас веднаш, па понекогаш се прашувам зошто меѓу илјадници други ме избра мене.

Ми годи помислата дека сум ги “победила“ хиените коишто сакале да те освојат. Јас неправејќи ништо ти се пикнав под кожа. Од таму излегување нема. Некогаш си мислам дека судбински било да ни се спојат патиштата. Јас предадена на “ситуацијата“ не се ни обидував да се “борам“ за тебе. Знаев дека ти потајно ме мислиш мене додека комуницираш со хиените. Не ќе сретнеш нигде никоја како мене, тоа e голема предност. И додека ова си го размислувам и фантазирам, којзнае ти каде си и што правиш. Кога ќе ме побараш пак, ќе знам дека си донел одлука од која нема враќање. Времето ни е и најголем сојузник, но и најголем непријател, не заборавај.

Напишете коментар