(Од мојата тетратка по писмена работа)
Летото помина – замина. Ни дојде златокосата есен. Овошните градини тежат од род. Родиле јаболката, сливите, крушите. Лозјата крцкаат од грозје. Времето сѐ уште е пријатно и топло. Ситен дождец ѕвони по покривите и нивите. Птиците преселници за жал одлетаа во јужните краишта. Ќе се вратат кога ќе пристигне пролетта. Небото е јасно без ниедно облаче. Земјоделците се задоволни од богатиот род. Лисјата не се повеќе зелени, туку имаат жолто – златна боја. Летната облека ја заменуваме со потопла, за да не настинеме. Во училиштата врие како во кошница. Се прераскажува кој како го поминал летниот распуст. Секој има што да каже. Со што да се пофали. И училиштето е подновено, свежо бојадисано. Уште малку ќе почне бербата на јаболката и грозјето.
Треба да се искористат убавите есенски денови. По полињата уште од рани зори бучат тракторите. Ја ораат земјата за есенска сеидба. Луѓето уште малку ќе почнат да приготвуваат и зимница. И ние им помагаме на родителите. Ајварот секој од нас го сака. Ех, што е слатко да си каснеш лебче намачкано со ајвар. Се топи в уста од сласт. Почна и бербата на оревите. Ореовата јатка е повкусна и од мед. Водениците пеат од радост. Го мелат житото и го претвораат во брашно. Бабите на внучињата ќе им месат пити и баници. А кога дома ќе замириса на пита, тоа е најголем празник за внучињата. Ќе јадат и прстите ќе си ги излижат од сласт. Есента е најголемиот сликар што со помошна својата палета ги бојадисува сите предмети во жолто – златна боја.
Верувајте ми, земјоделците најмногу од сѐ ја сакаат есента. Таа им ги полни амбарите со пченка, бурињата со вино, гајбите со јаболка и круши. Есента на сите задоволство им носи. И кога дождец роси и кога ветрето ни бушави коси. Есента е навистина прекрасно годишно време.
Од збирката „Земјата на лажговците (1999)”
Прочитајте и „Поезија за деца: „Шумски семафор“ од Ванчо Полазаревски“.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.