Кеса полна со замрзнато, евтино, пилешко место ставам во корпата за пазарување. Сигурно мириса на неисчистен замрзнувач, ама мора да јадам нешто. Кога убаво ќе го сварам и ќе му ставам неколку врсти зеленчук и зачини, миризбата ќе исчезне.
Инфлацијата стега од сите страни. Веќе не верувам дека ситуацијата е до толку излезена надвор од контрола. Повеќе мислам дека ние, со нашиот балкански менталитет, малку ги преувеличуваме нештата. Сè зачинуваме со малку хипербола: нашите животи, случувањата на тие околу нас, ситуацијата во свеотот, сега и цените. Малкуте пари што ги земам веќе не ми стигаат за ништо. Не ми е чудно што немам, на таа ситуација сум навикната. Чудно ќе ми беше ако имав.
Што ќе им правев на парите? Сигурно ќе прошетав по медитеранот. Можеби ќе отидев во Москва. Секое попладне ќе пиев кафе во некое од кафулињата низ старата чаршија, а за викенд ќе им оставав бакшиш на чалгиите. Што ќе ми беа да ги чувам? Кај ќе ги носев? Сигурно ќе купував многу месо, уште повеќе зачини, овошје и зеленчук и во секое слободоно време ќе готвев. Ах, да, сигурно ќе посвоев неколку кучиња скитници, па и нив ќе ги радував со мрсни коски и зрнеста храна.
Во корпата ставам и евтини зденки од растително потекло, рафинирано масло за јадење и огромна кеса со радиоактивни морски плодови уловени во некоја област околу Јапонија. Дополнувам со инстант нудли, кои сигурно се поштетни од радиоактивните морски плодови. Знам дека тоа што го пазарам воопшто не е здраво, ама сите мора да умреме од нешто. Најчесто страдаме од нашите пороци. Мој порок е храната. А со неколку евтини зачини и убаво одбран зеленчук, дури и оваа храна може да биде навистина вкусна
Што мислите дека ви сервираат во рестораните? Нешто слично. Можеби и полошо. Не верувам дека е подобро.
Инфлацијата отишла до таван. За четири производи плаќам скоро илјада денари. Пред половина година за истото ќе платев помалку од четиристотини. Ако властите остават пазарот да го реши овој проблем, мислам дека ќе заглавиме во еден маѓепсан круг на постојано зголемување на торшоците и на цените. Она што никако не се надоврзува на маѓепсаниот круг се платите.
Жената што чека пред мене конечно го добива својот ред. Се расправа со продавачката дека цената за кремот за раце на рафтот не е иста со онаа цена што ѝ ја наплаќаат. И во право е. Работите не се прават така. До пред некое време ќе речев дека прави гужва за шест денари, ама денес ја разбирам. Но тие шест денари не менуваат ништо. Веќе ништо не можеш да купиш ни со шеесет.
Жената ја добива битката со персоналот, па мене ми доаѓа редот. Од ранецот вадам една платнена торба и еден по еден, ги ставам производите. Од паричникот ја вадам платежната картичка и ја допирам до екранот на онаа направа за наплаќање. Се однесувам како да имам картичка со неограничен лимит. Не толку задоволна, излегувам од маркетот и по зајдисонцето продолжувам дома. Се прашувам што прави мачката. Дали пак заглавила во напуштената куќа и мјаука на цел глас или ѝ дошол умот, па е оптегната на есенското сонце и ужива на некој покрив?
Ја гледам како се истегнува на ѕидот. Ме гледаа и таа, па се стрчува кон мене. Се однесува како не ме видела две години. Ми се плетка околу нозете и ми го отежнува чекорењето. Отклучувам, а таа трча пред мене за внатре. Не ја интересира ништо освен јас. Преди од среќа. Ја земам в раце. Низ очите ѝ се наѕира дека сака нешто да ми каже. Можеби треба да посвојам уште една мачка со која ќе си се разбираат.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.