Skip to content

Jazz медијатор – Јелена Ѓиноска

  • by

Ја здогледав тагата во твојата мелодија,
додека симфонијата ја пригушуваше целата просторија
со тежината од твојата болка.
Чекор по чекор како да е нешто што долго време го правиш
и нешто што најдобро го знаеш…

Полека присетувајќи се на стариот ти!
Сè она што останало сокриено со векови и децении
во некоја далечна просторија во најгорната полица,
прикриено со прашина и пајажина.

Твоите очи кои криеа тајни полека почнаа да раскажуваат
најболни вистини за твоето постоење.
Целата прекривка на мистериозност и сила
се претвори во прав со првата нота.
А јас, безвучно седам и ги впивам мелодиите,
ја чуствувам тагата,
ме притиска болката туѓа врз градите.

Ми доаѓа да вреснам,
од немоќ, од болка, од целата тежина.
За тебе, за сите вас и на крај за самата себе.
Молчам во некој ќош од салава, и ги впивам нотите.
Си ги барам зборовите за да ги преточам во песна.
Си велам ова ќе биде тоа,
ти само свири јас ќе ги кажам зборовите.
Зборувај преку мене.
Дур твојот глас трепери мојот ќе ти го зајмам.
Тоа сум била цел мој живот, медијатор.
За секој, па на крај и за себе.

Точам во туѓи чаши, за мене оставајќи капка до две.
Дур не ожеднам целосно.
Дур не си го видам својот  испиен одраз во огледалото.
Дур не почне да пече ножот кој веќе долго време е во мојот грб.

Смислувале епитети, баш оние кои сум ги носела
на видикот од животот.
Нивните зборови како змии пуштени
доаѓале до моите уши за да ми се смеат зајадливо.
Нивните лажни прегратки оставале жиг на мојата душа.

И еве сум сега повторно тука, целосно маѓепсана
од твојата тажна симфонија на вечноста.
Која ме враќа во мојата кожа
и ме потсетува дека сепак сум човек.
И ќе останам без разлика на сè.
Твојот медијатор….

Напишете коментар