Skip to content

Во димензија на тврдокорност – Јасмина Јошевска

  • by

Ако ме сретнеш низ немирите свои навлези подлабоко низ суетноста и височините на твоето его. Веќе го допираш невозможното дно. Таму каде бев никој ме создаваше само сенката негова и допирот без допир во јасноста на говорот да го отфрлам каменот кој ми тежеше. Врз слоевитоста на почвата ме отсекуваа краевите за пад во беспаќе. Не, не престана да биде наведната врбата жална, а ми отстапи простор да се исправам покрај сите нејзини гранки. Во поимот димензија ја закопав една целина од душава и ѝ дадов насоки за човечност и кон најтешкото откритие на суровост.

Малкумина мислите ми ги прегрнаа за да помине она што боли. Многумина деновите ми ги броеа како бројаница. Заплака готовоста за запирката на погрешно место ставена. Во кршливоста на денот си се прибрав во ноќната прегратка каде ме изнамилува месечината. Среќа. Секаде ја има кога сфаќаш дека не си сам. Димензии во парабели сочинуваат нови поинакви откритија за себе врзани со себеспознанието и празнината ја обвиткуваш со најубавиот поглед од очи кои само светлост рика.

Не довикувај ја нејзината срдечност не можеш да одговориш на точноста . Пребегни само од себе пак во себе за да видиш што останало од тебе. Доволно е. А јас пак ќе се послужам со мојата хартија и ќе ја нападнам твојата неукост.

Јасмина Јошевска

Напишете коментар