Skip to content

Песна на денот: „Видот, допирот“ од Октавио Пас

Денешниот избор за песна е „Видот, допирот“ од Октавио Пас, мексиканскиот поет, есеист, публицист, теоретичар на поезијата, антологичар, преведувач, основач и уредник на книжевни списанија и дипломат. Книгата е издадена од Култура, 1992 година, со избор и препев од Матеја Матевски. Го носи насловот „Катадневниот оган“, збирка направена од избор на самиот автор објавена во 1989 г.  меѓутоа во неа се вклучени и неколку песни објавени во други изданија на неговата поезија.

На Балтус

Светлината ги држи – лесни и прекрасни –
ритчето бело и дабјето црни,
врвицата што врви,
дрвото што стои:

Светлоста што се раѓа патот свој си го бара,
река колеблива што ги исцртува
двоумењата свои и ги прави извесности,
река на муграта врз едни заклопени клепки;

светлината го ваја ветерот во завесата,
од секој час создава живо тело,
во собата влегува лизгајќи се,
боса, на врвот од ножот;

светлоста раѓа жена во едно огледало,
гола под блескави лисја
поглед еден ја оковува,
треперење едно ја распрснува;

светлината ги допира плодовите и го допира невидливото,
врчва блесоци очите каде пијат,
пламен изрезбарен во цвет и бдеење на свеќа
каде пеперутка со крилја црни изгорува:

светлоста наборите од покривката ги отвора
диплите од пубертетот,
гори во оџакот, пламените во сенки претворени
се јазат по ѕидовите, бршлен што копнее:

светлината ни ослободува ниту осудува,
справедлива не е ниту несправедлива,
светлината со раце невидливи ги крева
зданијата од симетрија;

светлината заминува низ коридор од одрази
и во себе се враќа:
таа е рака што се пронаоѓа,
око што се гледа во пронајдоците свои.

Светлината е време што се замислува.

Напишете коментар