Низ нивните матни очи се обидувам да ја најдам светлината на твоите. Ним не им се плашам, ама од тебе се плашам ко од Бога. Сѐ било толку едноставно и имало толкава смисла што јас не сум умеела да ја сфатам тогаш. Ама лекциите ги учиш само тогаш кога си спремен и еве, на овој пасус му дошол редот.
Смешно е, ќе речат, жена како мене да се плаши од човек каков што си ти. Ама не си ти било кој, ти си мојот човек, мое прибежиште, мое рамо за плачење, мој грев и моја казна. Затоа сум била толку понизна кон тебе. Затоа сум ти се плашела. Ти си бил мојот Бог. Си бил столбот, она што му доликува на мажот да биде, а јас сум се потпирала на него, кога и да сум имала потреба од тоа.
Проклето нека е. Зошто порано не сум успеала да го разберам тоа? Затоа сакав да ти угодувам. Можеш да замислиш, јас да угодувам некому? Смешно е, нели? Ама во градите твои ми бил домот. Во прегратките твои ми било прибежиштето од светот. Ти си ме пазел мене, на најпримитивен начин си внимавал на мене. Не со скапоцени подароци, ами со снагата што стоела како штит пред мене.
Сум ја живеела светата тајна, а воопшто не сум била свесна за тоа. Како? Како не сум сфатила? Затоа можеби не можам да те заборавам. Оти јас се плашам од тебе, а ужасно сакам да ти угодувам и да те насмеам. Неразбирливо, а вистинско. Звучи страшно, ама е хармонично. Ти мојот страв никогаш не го злоупотреби. Само уште повеќе ме пазеше. Само уште повеќе ме штитеше.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.