Skip to content

На денот на душите

Бледа ми е мислата и не можам да се сетам на ниту едно сеќавање онолку јасно колку што посакувам. Измешани ми се чувствата како есенски ноемвриски ден. Стануваат де врнежливи, де сончеви , како твоите солзи и како твојата насмевка. Час плачам, час се смеам кога помислувам на тебе. Не знам дали ме гледаш или ме слушаш. Јас тебе да, особено кога сум сама.

Вчера дојде пред мојот прозорец, облечена во бела наметка, со крилја на гулаб. Ми донесе мир. Затоа сега не ми е веќе важно дали чувствата ми се измешани. Знам дека се мешаат затоа што се чувства. Тие се како море, кое се лула и се смирува на нишките од ветрот. Знаеш, вчера те пронајдов во гулабовите очи. Со растргнат поглед , но толку црвени како крв, како бојата што ти толку многу ја сакаше, такви беа очите на белиот гулаб кој се појави на мојот прозорец..

Сето то беше твое наговестување. Белите крилја наговестуваа мир, црвените очи  твојата омилена боја. Но, ете, како и секогаш покрajот мирот кој целосно го опсипуваше гулабот,  сé уште постоеше и  таа голема страст и љубов за живот отсликана преку црвните очи. Со тоа бев сигурна  дека тоа си ти. Ти секогаш го славеше животот. Дури и сега кога твојата душа се преселила во меѓупросторот, се уште посакува да биде телесна, да вреска од живот, да се смее на сонцето…

Којзнае дали сега ме слушаш…

Јас тебе да, и сега кога го пишувам ова писмо, на денот кога се слават душите, оние полни со страст за живот, чии тела не се меѓу живите.

Напишете коментар