Skip to content

Песна на денот: „Љубовна“ од Анте Поповски

Денес ги споделуваме стиховите од песната „Љубовна“ на македонскиот поет, есеист, препејувач, публицист и политичар, Анте Поповски. Песната е составена од три строфи и како што алудира насловот, е од љубовен карактер. Низ мајсторски скроените стихови и ритам, поетот ни ја опишува љубената и секој еден начин на кој таа е посебна. Каква е љубената во оваа љубовна песна и на крај која е таа, прочитајте подолу.

Пред да се раздени
За неа беше разденето
Пред да се стемни
За неа беше стемнето.
Го преврзуваше сонцето со влажна шамија
И го успиваше крај неа.
Ние, дури чекавме да расцутат овошките,
Таа веќе ги береше плодовите од нив
Полни чинии поставуваше пред нас
И ништо не ја возбудуваше.
Ние ќе ѝ покажевме камена птица што лета
Таа ќе речеше: Да тоа сум јас,
Птица во окото на сонцето!
Ќе ѝ принесевме сини цветови што ги брал
Aлександар Македонски покрај Златна река
Таа ќе речеше: Тие цветови веќе сум ги носела в пазуви!
И секогаш
и секогаш молчеше.

Велеше, сѐ што имам да речам си го реков себеси
Право е на другите да си молчат за својата судбина
Не постоеше ништо што можеше да ја возбуди.

Цел живот верував дека е жена
Не знаев дека е Бог
Само тој не копнее по ништо.

Напишете коментар