Skip to content

Кревкиот сензибилитет на Ентони Дод Ментл низ окото на филмската камера – Алек Василевски

  • by

Ентони Дод Ментл е едно од најзвучните светски имиња во снимателската професија со реномиран филмски багаж, име зад кое стои неговиот потпис во филмовите “Прослава” ”Уште една тура” (Томас Винтерберг)“Догвил”,“Мандерлеј”,“Спроти брановите”,(Ларс фон Трир) “Треинспотинг”, “28 дена подоцна” “Милионер од улицата”, (Дени Бојл), добитник на Оскар и на англиската награда БАФТА. Сепак, величината  на Ентони е  уште повеќе позначајна бидејќи тој се разликува од останатите конвенционални замислени холивудски ѕвезди, не им робува на стереотипите како што вели самиот. Се смета себе за глобтротер кој припаѓа на европското тло; за време на Интернационалниот филмски фестивал Браќа Манаки во Битола ја искористив можноста да поразговарам со него и да ги согледам неговите размислувања.

Можете ли да ни кажете кои се вашите почетоци на снимање, како дојдовте до сегашниот успех, влијаеше ли мајка ви на вас бидејќи таа беше сликарка или брат ви кој е писател, а можеби причината сепак е од различна природа?

– Од моите родители секогаш имав неизмерна поддршка за било што работев вклучувајќи ги моите почетоци како касиер во маркет а подоцна и кога се појавија првите искри кон камерата. Тие постојано ме храбреа и ми ја повторуваа аксиомата само со перманентна работа се стигнува до триумфот, а таа убава навика денес јас ја пренесувам на мојот син со ист ентузијастички порив.

Втората работа која е од големо значење за мојата работна етика е зборот, кој е многу битен за мене  кога станува збор за одговорноста при извршувањето на работните обврски; парите се значаен животен сегмент, но не и примарен, морате постојано да се докажувате, сметам само така можете да го подобрите вашиот професионализам, на пр. земете го фудбалскиот гениј Марадона, кој жонглира фантастично и потоа ги торпедира противничките голови, или Мајкл Фелпс неприкосновениот пливачки ас кој плива како делфин.

Во една од сцените на филмот “Милионер од улицата” во режија на Дени Бојл ја приметив хроматската визура на Рембрант, но исто така една мизансцена ме потсеќа на “Огнени кочии” на Хју Хадсон, а асоцијативната тематика ми ги навести акордите на Вангелис, дали тоа можеби е случајност или вистинската причина според вас?

– Морам да признам имате остро око, ја паметам добро сцената од “Огнени кочии” и има некоја мистика која не можам да ја разоткријам во целост мојата интима, а Рембрант е еден од моите омилени сликари и дел од неговото творештво се рефлектира на мојот хабитус, ме стимулира, ми дава импулс на инспиративна моќ за создавање на убави нешта, а тоа е дел од мозаикот на уметноста која ја прави совршена.

Не би можел да го премостам филмот “Прослава”кој за мене е еден од најдобрите филмови од антологискиот опус на Томас Винтерберг, каде на вешт начин авторот ни ги разоткрива мрачните тајни од семејството кои првично изгледаат безазлено и среќно, а впрочем под сета таа хипокризија се крие ликот и делото на саможивите деспотски родители, кои со своите деца раководат како со марионети.
Кажете ни нешто повеќе, како се одвиваше филмскиот процес со Томас Винтерберг кој нестрпливо го чекам вашиот одговор и вториот дел од моето прашање се однесува на неверојатниот стоицизам и храброст кој ја има во себе Томас кој и покрај доживеаната трагедија при снимањето на филмот “Уште една тура”, (ја загуби ќерката во сообраќајка) сепак одлучи да го сними филмот до крај и при тоа се ослободи прометејски од прангите и заслужено го освои Оскарот во категоријата за неанглиски филм како и европската награда за најдобар филм, на што се должи оваа негова храброст?

– Тој цело време беше опкружен со многу љубов, вие ме погодивте во ахиловата пета, бидејќи “Прослава” е мојот омилен филм; со Томас многу се почитуваме, тој беше еден од најдобрите студенти, скоро не сме соработувале заедно бидејќи со текот на времето нашите идејни замисли се разидоа.

Добро се сеќавам, бев во Њујорк кога почина ќерка му ноќно време беше кога ми се јави, го фатив првиот лет и после седум часа пристигнав во Копенхаген, а тој срдечно ме пречека. Во едната рака ја држеше помалата ќерка, а со другата рака се поздрави со мене, во тој момент ме совладаа емоците и не можев да ги додржам солзите.

Во списокот на значајни режисери со кои сте соработувале е и името на еден од  најзначајните претставници од правецот “Догме”, тоа секако е големиот Ларс фон Трир кој е препознатлив по филмовите “Спроти брановите”, “Танчер во ноќта” “Европа”(мојот омилен филм од неговата филмографија), но би сакал подетално да ми раскажете за ремек делото “Догвил” и “Мандерлеј” каде доаѓа до израз вашата умешна прецизна вивисекција, а од мастеркласот кој го одржавте значаен реторички акцент ставивте за борбениот фронт на депресивна агонија од една страна и борбата со демоните од друга страна низ кој минува(л) Ларс, па кажете ни како се одвиваше работниот процес на филмовите со кои соработувавте заедно?

– Во суштина условите при снимањето беа одлични, на располагање имавме огромно игралиште и ги имав сите предиспозиции за творечко креативна моќ, а тоа е сигурен рецепт за финален производ  односно  успехот беше  неизбежен. Чувствував посебно задоволство при снимањето на “Догвил” и “Мандерлеј”, бев радосен и исполнет и некако успеав да создадам интеракција на софистициран начин меѓу мене и публиката.

Ентоди Дод Ментл на сет на снимање

Ентоди Дод Ментл на сет на снимање

Во вашиот именик имате многубројни филмски ѕвезди со кои сте соработувале, но дали сепак можете да издвоите некои кои ви лежат на срце, и повторно би се навратиле за заедничка соработка?

– Хммм..мислам веднаш без размислување ми текнува на прекрасната Никол Кидман која има златно срце и секогаш е флексибилна на снимањата, но многу ми е жал што и таа се вклучи во армијата на современата естетска хирургија а ботоксот и го уништи убавото лице. Таа е неодолива личност со извонредна смисла за хумор, а во нејзиниот раскошен талент се уверив при снимањето на филмот “Догвил” но убаво искуство имав и со Брајс Далас во “Мандерлеј.

Секако би го спомнал и ирскиот шармер со сензибилен карактер Килијан Марфи кој Кен Лоуч секогаш во интервјуата го глорфицира неговиот талент, а најзначани актери ми се Стелан Скарсгард и Вилијам Дафо.

Би сакал да споделам некои битни факти со вас, но бидејќи вие имате солидно познавање за филмската уметност можам да ви кажам од сведоштвата на мои колеги кои соработувале со Тарантино велат дека е многу тежок автор со своето себично его.

Во текот на разговорот само по себе ми се наметнува и прашањето кај вас дали владее чувството на носталгија со оглед на тоа дека вие долги години живеете во Данска?

– Јас припаѓам во светот на искреноста, не сум дел од егата, арогантноста, себичноста и егоцентричноста, сакам дел од англичаните, тоа се моите роднини, брат ми  и пријателите.

Вие освен што сте снимател со светско реноме во суштина сте еден кроток приземјен човек кој ретко се сретнува, а во исто време филантропски глобтротер, дали до сега сте биле во Македонија или ова е ваше прво гостување?

– Ова е мое второ гостување во Македонија, но јас сум воодушевен од срдечноста  на македонскиот народ кој е покрај мене и гледам весели насмеани лица на млади луѓе, убави жени, а исто така имате прекрасни национални богатства како Охрид кој вчера го посетив и ме освои со својата автентичност, би ве советувал вакви национални богатства да ги чувате како зеница во око.

Добивте ли инспирација за снимање при претстојот во Македонија за вашиот следен проект?

– Секако, она што деновиве доста размислувам тоа е филм кој би имал насловна тематика за кучињата.

Нашата средба започна на многу спонтан начин, вие го препознавте ликот од Боуви на мојата маица која ја носев, а тоа ме води  кон  моето следно прашање за Боуви и неговото учество во филмот на Дени Бојл, (инаку миленикот на скопската публика со култниот “Треинспотинг”. Но, сепак вам  ви оставам простор да ја доловите атмосферата со Дени Бојл и дали дојде до посакуваната реализација?

– За жал тоа не се случи иако со Дени долго време го разгледувавме сценариото, Дејвид не беше спремен да ја прифати главната улога, а работата ќе станеше посложена бидејќи требаше да ги добиеме авторските права од неговите менаџери кои бараа дополнителни ангажмани за веќе и така отежнатата ситуација.

Не би можел, а да не ве прашам кои се вашите омилени филмови?

– Мојот мозок е како сунѓер кој впива сè, а аплаузите одат кон филмските гиганти како Тарковски, Фелини, Бергман, Николас Реј…

Кога го спомнавте Николас Реј ме потсетивте на “Човекот кој падна на земја”…

– Секако, тоа е многу значаен филм каде што се застапени сексот, насилството и според мене тоа е неговото најхрабро дело.

Минатата недела гледав еден филм од Сорентино кој навистина допре до мене, мислам дека беше тоа неговиот последен филм но не сум сигурен во целост, а исто така многу ми се допадна и “Капернаум”…

За мене сепак, “Големата убавина” според критериумите на филмска е(сте)тика е неговиот најдобар  филм, а некои сцени ме потсетуваат на Фелини каде доаѓа до израз сексипилот на главната актерка Сабрина Ферели наликува на деновите од младоста на Анита Екберг.

– Навистина, никогаш не е досаден, секогаш е прониклив и има што да (рас)каже на гледачот, тоа е име кој не смееме да го заборавиме, а во иднина би го додал и него во листата режисерски имиња со кои посакувам што поскоро да соработувам.

Има нешто поетско во неговата експликација, а можеби наоѓа инспирација од делата на Алберто Моравија бидејќи ги разработува љубовните дилеми, друштвената алиенација и егсистенцијализмот; вие сте вистински ерудит  кој освен што ја познавате беспрекорно вашата професија имате завидно познавање од областа на сликарството, литературата и музиката, но би ве замолил доколку доаѓате следниот пат во Македонија да ја посетите Кинотеката на Македонија, каде што работам јас и ќе ми биде чест и задоволство.

– Навистина би сакал да ја посетам Македонија повторно и секако Кинотеката на Македонија.

Сосема на крај би сакал да ви се заблагодарам за издвоеното време, ви посакувам многу успех во следните филмски проекти а новиот предизвик ве чека  уште од утре кога патувате за Бразил, а потоа во Аргентина каде ве чека новата авантура наречена филм.

– Ви благодарам и вас за пријатниот разговор и прецизно поставените прашања, до следната средба ви посакувам многу успех во вашата работа.

Напишете коментар